/ Прочитано:

6.932

Закон за извршување, со судска практика, примери на поднесоци и предметен регистар

akad 2

Во издание на Академик излезе книгата Коментар на Законот за извршување (со коментари, судска практика, примери за практична примена и предметен регистар) од авторите проф. д-р Кирил Чавдар и проф. д-р Кимо Чавдар. Овој Коментар претставува прво издание на трудот „Закон за извршување со коментари, објаснувања, практика и предметен регистар“ посветен на новиот Закон за извршување, кој треба да стапи во примена на почетокот на 2017 година.

Коментарот на Законот за извршување е изработен според исти принципи како и трудовите од 2005 и 2011 година, со тоа што, со оглед на практиката на извршителите и судската практика во изминатите години (до 2015 година), соодветно се преработени коментарите и објаснувањата кон адекватните членови од Законот, со задржување на претходните и со додавање на одредени нови согледувања на некои органи и институции кои доаѓаат во допир со практичното спроведување на одредбите од Законот за извршување.

При користењето на овој Коментар треба да се има предвид дека тој по својата намена спаѓа во оние во кои проблематиката е обработена од практичен аспект и за практиката, на начин кој укажува на поврзаноста на одделни членови од Законот со други негови членови и со целината на Законот, но и со одредбите од други закони, што овозможува секоја одредба да се согледа во целосноста на Законот, на одделните гранки од правото, а некаде – и во целосноста на правниот систем.

Бројните изводи од судски одлуки и од најновата судска практика, објавени кон одделни членови од Законот, претставуваат индикатор во која насока се движела практиката при примената на ЗИ и значително придонесуваат кон разбирањето и примената на односните одредби и кон наоѓањето на најадекватно решение за одреден конкретен случај во иднина, поаѓајќи од тоа како се постапувало во слични случаи во минатото.

Целта на новиот Закон за извршување е поефикасно остварување на правата на граѓаните и правните лица и сите учесници во постапката пред извршител, а во правец на надградување на системот за брзо и ефикасно спроведување на извршувањето и остварувањето на правата на доверителите. Исто така, новото законско решение има за цел прецизирање на досегашните одредби од постојниот Закон, пополнување на правните празнини, номотехничко и содржинско преуредување на структурата на Законот, проширување на надлежноста на извршителите со воведување вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа, воведување на електронско полагање на испитот за извршители, допрецизирање на одредбите за дисциплинската постапка, за дисциплинските повреди и за дисциплинските мерки, како и допрецизирање на одредбите кои доведуваа до различна примена од страна на извршителите при спроведување на извршувањето.

Со  Законот за извршување  се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од Законот за извршување се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Во таа насока, во Коментарот на Законот за извршување се обработуваат основните одредби во Законот за извршување, основата и обемот на извршувањето, основите и предметот на присилното извршување, поимот извршител, општите одредби за постапувањето на извршителот, одредбите за заменикот на извршителот и помошникот на извршителот, надзорот на работата на извршителите, дисциплинската одговорноста на извршителите, престанокот на должноста извршител и организацијата на извршителите.

Понатаму, во Коментарот на Законот за извршување се опфаќаат прашањата за спроведувањето на извршувањето, заедничките одредби во поглед на времето на извршување, постапувањето на извршителот, попречувањето на извршителот при преземање на дејствија, противизвршувањето, одлагање и запирање на извршувањето, извршување заради наплата на парично побарување, извршување врз подвижни предмети; попис, процена и пленидба на предметите; продажба на предмети; намирување на доверителите, извршување врз парично побарување на должник; извршување врз плата и врз други парични примања, извршување врз побарување да се предадат или да се испорачаат подвижни предмети или да се предаде недвижност, извршување врз хартии од вредност и врз удел во трговско друштво и  извршување врз други имотни права.

Во Коментарот, исто така, се обработуваат и одредбите кои се однесуваат на извршувањето врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување, извршувањето на судски пенали, предавањето и испораката на подвижни предмети, испразнувањето и предавањето на недвижности, обврската за дејствие трпење или несторување, враќање на работник на работа, физичка делба на предмети, давање изјава на волја, вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа, испит, прекршочни, преодни и завршни одредби.

Во Коментарот на Законот за извршување приложени се примерите на тужби, предлози и други поднесоци, за кои авторите на книгата подвлекуваат дека се од извонредна корист особено за правничката јавност, како и за субјектите кои го применуваат Законот за извршување во нивната секојдневна работа и практика.

„Примерите на тужби, предлози и други поднесоци, приложени кон извесни одредби од Законот за извршување можат да послужат како помош и инструкција во врска со составот на таквите акти, особено на оние правници кои поретко доаѓаат во допир со проблематиката на присилното извршување на побарувањата. Предметниот регистар, објавен на крајот од книгата, значително го олеснува снаоѓањето во богатството и разнообразноста на нормите и на некои поими во Коментарот, а воедно претставува и индикатор на прашањата и односите кои се опфатени во Законот и Коментарот“, истакнуваат авторите на книгата, проф. д-р Кирил Чавдар и проф. д-р Кимо Чавдар.