/ Прочитано:

5.761

Книгата „Меѓународно арбитражно право“ на проф. д-р Тони Дескоски – прв учебник по меѓународно арбитражно право и корисно четиво за правните практичари

Меѓународната трговска арбитража подолго време е предмет на научниот и истражувачки интерес на проф. д-р Тони Дескоски. Идејата да се востанови меѓународното арбитражно право како нова научна дисциплина, вели професорот Дескоски, се појавила уште во текот на изработката на неговата докторска дисертација, во периодот од 2000 до 2005 година.

„Таа идеја уште повеќе доби на интензитет кога бев вклучен како еден од редакторите на Законот за меѓународна трговска арбитража, кој е изработен според Модел-законот за меѓународната трговска арбитража на UNCITRAL од 1985 година. За среќа, оваа идеја беше реализирана со наставно-научниот план на Правниот факултет усвоен во 2015 година“, вели професорот Дескоски.

Книгата „Меѓународно арбитражно право“ е наменета првенствено за студентите на постдипломските студии на факултетот, но таа претставува и извонредно дело за поширокиот круг читатели, за академската јавност, за судиите, адвокатите, правните практичари и другите правници, кои се вклучени во практичната примена на правилата на меѓународната трговска арбитража.

При изработката на книгата се користени релевантните меѓународни арбитражни инструменти, меѓу кои најзначајно место секако заземаат: Њујоршката конвенција за признавањето и извршувањето на странски арбитражни одлуки од 1968 година, Европската конвенција за меѓународната трговска арбитража од 1961 година и Модел-законот за меѓународната трговска арбитража UNCITRAL од 1958 година со измените од 2006 година.

Книгата, во која има цитирано извонреден опус на литература, има и историско-компаративен пристап, при што се обработени националните законодавства за меѓународната трговска арбитража на повеќе држави, пред сè, на оние со најразвиена арбитражна практика. На многу места се користени најрепрезентативните случаи од меѓународната арбитражна и судска практика, со што книгата особено им се доближува на правните практичари.

Во книгата се елаборираат историскиот развиток и поимот на меѓународната трговска арбитража, правната природа на меѓународната трговска арбитража, изворите на меѓународното арбитражно право, видовите арбитражи, спогодбата за меѓународна трговска арбитража, именувањето и статусот на арбитрите, постапката пред меѓународната трговска арбитража, меродавното за суштината на спорот пред меѓународната трговска арбитража, поништувањето на арбитражната одлука и признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки.

Од големо значење во книгата се и дадените прилози кои го содржат текстот на Законот за меѓународна трговска арбитража, Модел-законот за меѓународната трговска арбитража на UNCITRAL од 2016 година и Њујоршката конвенција за признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки од 1958 година на англиски и македонски јазик.

Проф. д-р Тони Дескоски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Предава на предметите Меѓународно приватно право и Меѓународно арбитражно право. Претседател е на Спортскиот арбитражен суд при Македонскиот олимписки комитет. Член е на претседателството на Постојаниот избран суд – арбитража при Стопанската комора на Македонија. Се наоѓа на листата на арбитри на Постојаниот арбитражен суд во Хаг. Професорот Тони Дескоски бил и член на работната група која го изготви Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Македонија од 2006 година.

Како долгогодишен истражувач на проблематиката на арбитражното право од прaктичен и теоретски аспект, професорот Дескоски нагласува дека прашањето за меѓународната арбитража e мошне комплексна материја. Во современата деловна практика и култура на глобално ниво, вели професорот, арбитражата не само што подразбира ефикасност во решавањето на споровите кои се постоен деловен ризик, туку е и condition sine qua non за правно-деловното работење. Современите деловни субјекти, образложува професорот, на арбитражата гледаат како на правна сигурност и поради тоа што сериозноста на исполнувањето на обврските од конкретен деловен однос најдобро може да се согледа од постоењето на арбитражните клаузули.

Книгата „Меѓународно арбитражно право“, покрај нејзиното практично значење, ќе има и исклучителен придонес за студентите учесници на натпреварот за меѓународна трговска арбитража „Вилем К. Вис“, кој традиционално веќе 23 години се одржува во Виена и е собир на 300 најдобри универзитети во светот од областа на меѓународното арбитражно право. На овој натпревар, веќе неколку години по ред тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ постигнува големи успеси на најголемиот натпревар по меѓународно арбитражно право во светот, под менторство на професорот Дескоски.

М.В