/ Прочитано:

2.432

„КНИЖЕВНОСТА И КАЗНЕНОТО ПРАВО“: Младите кривичари ќе говорат за врската помеѓу казненото право и творештвото на познатите автори

Следната активност на Здружението на млади кривичари е во знакот на илустрирањето на тесната врска помеѓу казненото право и теоретските размисли изнесени во делата на бројни познати автори во различни временски епохи.

„За таа цел на 23 март 2017 година во просториите на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ ќе се одржи трибина со наслов ‘КНИЖЕВНОСТА И КАЗНЕНОТО ПРАВО’, а можност за учество ќе имаат колегите со завршени магистерски студии по казнено право или тековни студенти на магистерски студии по казнено право или на докторски студии“, велат од Здружението на млади кривичари.

Од селекцијата на темата, посочуваат од Здружението, произлегува и главната цел на овој настан, а тоа е да се отвори простор за поширок дискурс, компарирање и коментирање на сфаќањата на различни автори за правниот систем, неговите постулати, како и за некои основни казненоправни институти (идејата за правдата, судирот помеѓу правото, религијата и книжевноста, вината, детерминизмот/индетерминизмот, изигрувањето на законските норми и нивното претворање во сопствена негација и сл.).

„Делата на Софокле, Аристотел, Шекспир, Дикенс, Достоевски, Ками, Толстој, Кафка, Меки, Орвел, Кант, итн., формираат само мал исечок од мошне обемната литература каде што на неповторлив начин се разгледуваат прашањата што стојат на релација книжевност – право – казнено право“, истакнуваат од Здружението на млади кривичари.

Читањето на овие дела упатува на тоа дека кај многумина од наведениве автори правниот систем што постоел во времето кога тие дејствувале имал силно влијание врз нивното творештво, при што тие самите биле доволно свесни и на уникатен начин го прикажале таквото влијание на индивидуален и на општествен план.

Во врска со настанот „КНИЖЕВНОСТА И КАЗНЕНОТО ПРАВО“, од Здружението на млади кривичари велат дека сите заинтересирани учесници, најдоцна до 17.3.2017 година, треба да ги испратат следниве документи: кратка биографија и пополнет апликациски формулар.

 „Наведениве документи треба да се испратат на e-mail: young.penalists@gmail.com, со назнака ‘За учество на научна расправа Книжевноста и казненото право’“, посочуваат од Здружението.

M.В