/ Прочитано:

1.845

Коалиција СЗПМЗ: Ректорот на УКИМ се обврза да стави крај на дискриминаторските содржини во учебниците и учебните помагала

Ректоратот на УКИМ прифати во Правилникот за организирање на издавачка дејност да биде внесена одредба со која се предвидува забрана за употреба на учебници доколку тие не се издадени во согласност со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори и доколку содржат делови кои би можеле да предизвикаат повреда на еднаквоста и правата на сите граѓани врз сите основи.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ информира дека Ректоратот на УКИМ прифатил во Правилникот за организирање на издавачка дејност да се внесе одредба за забрана за употреба на учебници кои не се во согласност со македонскиот Устав, или кои на некаков начин ги повредуваат правата и еднаквоста на граѓаните.

Во соопштението на Коалицијата се вели дека по поднесени претставки до Народниот правобранител од нивна страна во врска со дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ-лицата, лицата што употребуваат дроги  и лицата што живеат со ХИВ, во учебниците: „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски; „Психологија на детството и адолесценцијата – развојна психологија I“; „Психологија на возрасните и стареењето – развојна психологија II“ и „Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги“ на авторката Олга Мурџева-Шкариќ, Народниот правобранител утврдил дека спорните текстови не се во согласност и не соодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека тие се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество.

„Во препораката кон Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, Народниот правобранител побара, а Ректоратот на УКИМ прифати во Правилникот за организирање на издавачка дејност да биде внесена одредба со која се предвидува забрана за употреба на учебници доколку тие не се издадени во согласност со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори и доколку содржат делови кои би можеле да предизвикаат повреда на еднаквоста и правата на сите граѓани врз сите основи. Прифаќањето на оваа одредба во Правилникот воедно значи и обврска за УКИМ да ги повлече од употреба сите учебници кои содржат дискриминација на која било основа, вклучително и сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус, но и обврска понатаму да не се издаваат учебници со ваква содржина. Коалицијата СЗПМЗ ги поздравува заложбата на Народниот правобранител и одлуката на Ректоратот на УКИМ за промена на Правилникот за организирање на издавачката дејност, кој ќе инсистираме доследно да се спроведува“, се вели во соопштението на Коалицијата СЗПМЗ.

Тие, исто така, бараат од Ректоратот на УКИМ деканатите на факултетите на УКИМ и професорите во најскор можен рок да постапат во согласност со промените во Правилникот и да ги повлечат од употреба учебниците што содржат дискриминација по која било основа, со што, како што наведуваат, конечно ќе стават крај на дискриминаторските содржини во високото образование и ќе придонесат за поквалитетно образование кое ќе промовира почитување на различностите и на човековите права, наместо да ги загрозува.

А. Б.