/ Прочитано:

1.250

„Коха диторе“: Вилијамсон има докази за воени злосторства на Косово, но не и за трговија со органи

Вторник, 22 јули 2014 – Главниот обвинител на ЕУЛЕКС, Клинт Вилијамсон, најде докази за воените злосторства против поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово, но не најде доволно докази дека во Косово имало трговија со органи, објави приштинскиот весник „Коха диторе“.

Клинт Вилијамсон, главен обвинител на ЕУЛЕКС

Најмалку десет поранешни припадници на ОВК ќе бидат обвинети за злосторства против цивилите. Весникот наведува дека против припадниците на ОВК ќе бидат поведени обвиненија и за исчезнување на голем број Срби од Зочишта и Ораховец, а за одговорни се сметаат и двајца високи офицери од ОВК.

Главниот обвинител во специјалниот тим на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), Вилијамсон, вчера ги претстави доказите пред косовските власти. Обвиненијата опфаќаат убиства на цивили, малтретирање и нивно држење во нечовечки услови, но не и трговија со органи.

Се очекува припадниците на ОВК да бидат обвинети за поединечна, но не и за командна одговорност, поради што би бил ослободен од одговорноста и премиерот Хашим Тачи.

Резултатите од тригодишната истрага шефот на Специјалниот истражен оперативен тим (СИТФ), обвинителот Клинт Вилијамсон, ги претстави пред министрите за правда Хајредин Кучи, за внатрешни работи Бајрам Реџепи и за безбедносните сили Агим Чеку.

Вилијамсон вчера во Приштина се сретна и со претседателката на Косово, Атифете Јахјага, но не и со Тачи.

Извештајот на меѓународни истражители треба да биде објавен во текот на следната недела во Брисел.