/ Прочитано:

2.084

Коле Штериев – нов претседател на Советот на јавните обвинители

Нов претседател на Советот на јавните обвинители е Коле Штериев, кој денеска беше избран на седницата на Советот, откако претходно беше прифатена оставката на досегашниот претседател Петар Аневски.

Коле Штериев стана член на Советот на јавните обвинители на РМ пред една година, а претходно работел во Вишото скопско обвинителство.

Штериев по изборот рече дека ќе се обиде да ги искористи своите и капацитетите на членовите на Советот и изрази надеж дека ќе успее да ја смени сликата за оваа институција.

„Може да е претенциозно и преамбициозно да кажам дека ќе успеам во тоа, но дека ќе се обидам, тоа е несомнено. Ќе се обидам да ги искористам и моите и капацитетите на членовите на Советот и се надевам дека ќе успееме да ја смениме сликата на Советот, но тоа ќе го кажеме откако ќе го направиме“, изјави Штериев.

Штериев најави дека институцијата во иднина ќе биде потранспарентна. Дел од впечатоците создадени во јавноста, подвлече Штериев, се како Советот да бил во конфликт со СЈО.

„Тоа не се само впечатоци, тоа беше таква состојба. Но, за тоа, да бидам отворен, не можете да ги барате причините само во Советот“, истакна Штериев.

Обвинителот Штериев доаѓа на местото претседател на Советот на јавните обвинители, откако Петар Аневски во вторникот си поднесе оставка на функцијата, поради лични и семејни причини.