/ Прочитано:

3.704

Коментар од адвокатот Љупчо Кузмановски на предлозите за измени на одредби од Законот за извршување

Коментарот од адвокатот Љупчо Кузмановски се однесува на предлозите за измени на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот за извршување.

„Од предложените алтернативи во текстот на предложените измени на Законот за извршување, најприфатлива е алтернативата дадена од Адвокатската комора на Република Македонија, имајќи предвид дека адвокатурата како јавна служба е уставна категорија и единствено надлежна да обезбедува правна помош и да врши јавни овластувања во согласност со закон“, смета адвокатот Љупчо Кузмановски.

Адвокатурата како самостојна и независна јавна служба, истакнува адвокатот Кузмановски, е содржана во член 53 од Уставот на Република Македонија, во делот на главата од Уставот која содржи гаранции за основните слободи и права.

„Не случајно адвокатурата е дел од главата во која се содржани гаранциите на основните права и слободи на граѓаните предвидени со Уставот, бидејќи како јавна служба е единствено надлежна, преку давање правна помош, да ги заштитува и да се грижи за успешна реализација на правата на учесниците во правниот промет преку, со закон, пропишана процедура. Оттука, поаѓајќи од ова начело, единствено адвокатурата може да гарантира за понудената правна помош при спроведување на постапките пред сите надлежни органи во Република Македонија, вклучително и во постапките за извршување, и за тоа има обврска да има покритие со својата стручност, но да има и осигурително покритие за својата одговорност (професионално осигурување од одговорност)“, посочува Кузмановски.

Од таму, додава адвокатот, задолжителноста на составот од адвокат и адвокатскиот печат и потпис на барањето за извршување, приговорот за неправилности при извршувањето и жалбата против решението донесено по приговор на странката во постапката (физичко или правно лице) ѝ дава целосна правна сигурност на странката дека нејзиното право е заштитено и од аспект на стручност при постапувањето и од аспект на професионална одговорност на адвокатот кој го става печатот.

„Гаранцијата за заштита на правата на странките (физички и правни лица) во овој случај е двојна, бидејќи адвокатот има законска одговорност за преземените дејствија и има осигурително покритие за таа одговорност. Ова стојалиште го потврди Уставниот суд на Република Македонија кој не поведе постапка по слични одредби од Законот за нотаријат, застанувајќи на ставот дека присуството на адвокат во постапката значи правна сигурност за странката“, образложува адвокатот Кузмановски, кој оспори одредби од Законот за извршување и пред Уставниот суд за кои судот поведе постапка.

Задолжителноста на составот на актот и адвокатскиот печат и потпис, додава адвокатот Љупчо Кузмановски, имаат и поширока општествена оправданост. Имено, посочува адвокатот, не само во областа на извршувањето, туку и пошироко во правниот промет, како проблем се јавува надриписарството.

„Надриписарството како дело, и покрај тоа што е казниво со кривична одговорност, сепак е многу распространето и на тој начин создава правна несигурност како кај правните и физичките лица кои немаат никакви со закон утврдени заштитни механизми за заштита на своите права во однос на надриписарите, така и кај адвокатите, кои се соочуваат со нелојална конкуренција што значително ги урива значењето и угледот на адвокатурата како уставна категорија, го намалува обемот на работа на адвокатите, а со тоа ја поттикнува сивата економија која по дефиниција го следи надриписарството. Затоа сметаме дека алтернативата на АКРМ за задолжителност за составот од адвокат со  печат и потпис на акти со вредност над 5.000,00 евра е оправдана и единствено прифатлива опција“, коментира адвокатот Љупчо Кузмановски.

Текстот на предлог-измените на Законот за извршување кои се во фаза на подготовка

М.В