/ Прочитано:

1.873

Коментари на новиот Предлог-закон за бесплатна правна помош кои укажуваат на слабости и недоречености во законското решение

Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, како дел од мрежата за ПРИСТАП ДО ПРАВДА во Република Македонија, предводена од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, изготви коментари на новиот Предлог-закон за бесплатна правна помош.

„Покрај тоа што овој Предлог-закон е подобар од постојниот Закон и голем дел од предлозите и коментарите за подобрување се прифатени, сепак сметаме дека и овој Предлог-закон содржи слабости и недоречености“, посочуваат  од Хелсиншкиот комитет во месечниот извештај за состојбата со човековите права.

Недореченостите и слабостите, се вели во коментарите, особено се однесуваат на: (1) претесен опсег на претходната правна помош, (2) непредвидување на механизми за информирање и едукација на граѓаните и (3) неуреденост и потреба од дообјаснување на членовите кои се однесуваат на условите кои лицето треба да ги исполни за да добие секундарна правна помош.

Првично во Предлог-законот, се истакнува во коментарите, потребно е сите битни изрази повторно да се издвојат и правилно да се дефинираат. Предлог-законот треба да содржи и одредби со кои постапката пред Управниот суд се уредува како итна.

Исто така, Предлог-законот треба да опфати одредби за надзор врз работата на подрачните одделенија на Министерството за правда, како и критериуми кои овластеното службено лице вработено во подрачното одделение треба да ги исполни.

Во коментарите се посочува дека е потребно да се избрише делот во кој актот за основање е предвиден како услов за добивање на овластување, а Предлог- законот треба да предвиди електронско прибирање податоци и регистрирање на барателите и корисниците на правна помош. Воедно, потребно е Предлог-законот да го допрецизира вонсудското давање правна помош.

Предлог-законот, се вели понатаму во коментарите, во своите одредби не ја прецизира постапката за утврдување на финансиската состојба на барателот и членовите на неговото семејство со кое живее во исто домаќинство. Во член 21, потребно е дообјаснување или корекција на условите за имотот на барателот, додека, пак, во член 23 од Предлог-законот потребно е да се допрецизираат другите услови што лицето треба да ги исполни, за да добие секундарна правна помош и на кој начин ќе се оцени дали тие се исполнети.

Исто така, се вели во коментарите, во Предлог-законот не се предвидени механизми за информирање и едукација на граѓаните за роковите кои е потребно да ги почитуваат. Финансиската програма на Министерството за правда треба да вклучува и правно описменување, зајакнување и запознавање со правото на пристап до правда на граѓаните, а прекршоците треба да се опфатени со Предлог-законот за правна помош.

Предлог-законот треба да ги уреди и постапките каде што баратели се жртвите на семејно насилство како итни постапки. Исто така, Предлог-законот треба да предвиди кога странката може да побара промена на адвокатот. Предлог-законот треба да предвиди правен лек во случај кога подрачното одделение на Министерството за правда нема да постапи во согласност со член 27, во итна постапка.

М.В