/ Прочитано:

2.920

Коментари на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите

Коментарите на предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите објавен на 24.1.2018 се подготвени од  страна на Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Институтот за човекови права, Коалицијата „Сите за правично судење“ и Центарот за правни истражувања и анализи. Коментарите и се доставени до Министерството за правда.

Овие коментари се изработени од овие здруженија кои беа вклучени во процесот на изработката на Предлогот за итни демократски реформи во делот кој се однесува на правосудството. Здруженијата го разгледаа Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, објавен на Единствениот национален регистар на прописи на РМ, и во однос на него ги даваат следните коментари образложени во текстот. Секој од коментарите содржи препорака и образложение.

Со Предлог-законот останува непроменета спорната одредба од членот 5 ставот 1 од Законот за судовите, со која се предвидува дека судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти само доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Оваа одредба треба да се измени со цел да се усогласи со Уставот на РМ на начин што ќе се уреди дека судовите ги штитат сите слободи и права на човекот и граѓанинот кога ќе бидат повредени со акт или дејствие како од страна на државен орган така и од страна на приватно лице/субјект.

Измената во членот 12 ставот 2 од Законот овозможува поголема специјализација на судиите кои постапуваат по стопанска, односно трговска материја, но може да се покаже како недоволна особено на територијата на Град Скопје заради големиот број предмети. Потребно е да се разгледа можноста за основање на посебен стопански/трговски суд за подрачјето на Град Скопје.

Зборот „малолетнички криминалитет“ од членот 12 ставот 2 од Законот треба да се замени со „детско престапништво“.

Потребно е да се поттикнат судиите да поднесуваат иницијативи за оцена на уставноста на законите до Уставниот суд, како и соодветно да ја цитираат и да ја применуваат релевантната пракса на Европскиот суд за човекови права и другите меѓународни судови, во согласност со членот 18 од Законот за судовите.

Законот за судови треба да содржи одредба во која должноста на државните органи и другите правни лица да ги достават сите потребни податоци, списи или исправи со кои располагаат ќе биде зајакната под закана од законски санкции. Во членот 20 ставот 1 од Законот за судовите по зборот надлежност треба да се додадат зборовите „под закана на законски санкции“.

Предложените законски измени не ја одразуваат потребата од реорганизација на мрежата на основни судови на начин кој ќе обезбеди оптимизација на нивниот број, во зависност од бројот на предмети по кои годишно постапуваат, како и претворање на дел од нив во судски одделенија на територијално најблиските судови, како што беше посочено во веќе усвоената Стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот од 2017 до 2022 година (стр.31).

Потребно е усогласување на членот 34 од Законот за судови, кој ја уредува надлежноста на Управниот суд, со новиот Закон за општа управна постапка и да се прошири судската заштита не само против поединечни акти туку и „против секое управно дејствие или пропуштање на управно дејствие ако странката тврди дека со тоа дејствие или пропуштање се повредени нејзините права или правни интереси.”

Во членот 37 ставот 1 алинејата 1 од Законот за судовите да се признае правото за поднесување на иницијатива за утврдување начелни ставови и правни мислења и од страна на адвокати, јавното обвинителство, како и физички лица и здруженија кои имаат правен интерес.

Отстранувањето на просекот постигнат за време на високото образование како услов за избор на судија (чл. 8 од Предлог-законот) може да влијае негативно на квалитетот и компетенциите на кандидатите за судии. Потребно е да се утврди соодветен начин на оценување на образовното и професионалното искуство и капацитети на кандидатите.

Потребно е да се зголеми минимумот на работно искуство за избор на судија на Апелационен суд од сегашните четири на најмалку осум години.

Привилегираноста на кандидатите за избор за судии на Управниот суд и Вишиот управен суд да може да се изберат за судии без завршена Академија создава двојство и паралелизам во судството. Членот 46 од Законот за судови, кој ги уредува посебните услови за избор на судија во одделните видови на судови, треба да се измени со цел да се воспостави единство меѓу судиите на „редовните“ и управите судови.

Потребно е да се зголеми минимумот на работно искуство за избор на претседател на суд од сегашните четири на најмалку осум години.

Членовите 19 и 20 од Предлог-законот, со кои се утврдуваат основите за дисциплинска одговорност, треба да се ревидираат и да се редактираат заради постоење на технички грешки.

Членот 71 ставот 1 да прецизира можност за доделување стипендија за примена на Европската конвенција на човековите права и основни слободи.

Коментари на предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите објавен на 24.1.2018

М.В