/ Прочитано:

7.340

КОМОРА НА ИЗВРШИТЕЛИ: Ниту извршителите, ниту граѓаните можат да бидат над законот

Во врска со иницијативата за собирање потписи „Стоп извршители“, а  заради измена на Законот за извршување и замрзнување на сите извршни одлуки врз физичките лица, како и за ревизија на работата на извршителите, Комората на извршители на Македонија (КИРМ) реагира на начинот на кој се води непримерна хајка против нашата професија. Воедно, сметаме дека јавноста има  право да биде  правилно информирана за сите прашања поврзани со начинот на функционирање на извршителите, кои постојат веќе 12 години.

Цениме дека со Граѓанската иницијатива „Стоп извршители“, зад која застанаа: Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Здружението „Но пасаран“ и „Гласен текстилец“, се нарушува честа и угледот не само на извршителите и на Комората, туку и се поттикнува на граѓанска непослушност и на непочитување на постојниот правен систем во Република Македонија. Ваква  иницијатива може да доведе само до негативни последици за сите граѓани доверители, како  и  до дисбаланс на општествено-економскиот систем во Република Македонија. Иницијативата претставува навреда и  неправда за сите оние граѓани што уредно и навремено ги плаќаат долговите, а посебно за граѓаните од ранливите категории, кои ги почитуваат законите. Не треба да се заборави дека ниту  извршителите, ниту граѓаните можат да бидат над законот. Извршителите не влијаат на општествено-економската ситуација во земјата. Извршителите не носат извршни исправи, туку само ги спроведуваат и ги реализираат.

Јавноста треба да биде запознаена со тоа дека тарифата на извршителите, споредена со  тарифите на судовите, нотарите, адвокатите, проценителите, е најниска не само во Република Македонија, туку и во регионот. Потсетуваме дека извршните трошоци не се само трошоци на извршителите, туку во нив речиси секогаш има предвидени и изразени и трошоци на адвокат, проценител, судски трошоци, нотарски трошоци и претходните трошоци направени во постапката, како и други реални трошоци од други субјекти, а врз основа на доставени фактури во текот на извршувањето.

Почитувани граѓани,

Со Законот за извршување во 2005 година беше воведен нов систем на извршување во Република Македонија. Овој закон беше донесен поради негативните резултатите на претходниот Закон за извршна постапка од 1997 година, кој имаше за последица бавна реализација на извршувањето на судските одлуки во граѓанските предмети, како и на одлуките во органите на државната управа кои гласат на исполнување на парична обврска пред судовите, што  доведе до правна несигурност.

Со овој реформски закон се напушти системот на судското извршување и во Република Македонија се воведе нов вид професија – институтот извршители. Станува збор за  приватни лица што вршат јавни овластувања, а кои се  именувани од министерот за правда во согласност со Законот за извршување, а заради ефикасно постапување на извршувањето.

Сите досегашни домашни и странски извештаи покажаа дека овој систем на извршување воспоставен со Законот за извршување добро функционира и дава позитивни резултати, посебно од аспект на странските инвестиции, како и нивната правна заштита во Република Македонија. Со извршувањето се обезбедува владеење на законите и доверба во правниот систем во Република Македонија.

Примената на Законот за извршување и работата на извршителите се следи континуирано  преку месечните извештаи што ги доставуваат извршителите до Министерството за правда.

Извршителите се дел од правниот систем на Република Македонија бидејќи извршителите работат во согласност со Законот и со почитување на законските одредби. Нивната задача е да ги реализираат и да ги наплаќаат извршните судски одлуки кои се донесени во управна постапка и со нотарски исправи.

За секој акт на извршителот незадоволната странка, учесник или трето лице имаат право на приговор до основните судови, како и право на жалба. Законот обезбедува правна заштита на странките, учесниците или третите лица. Покрај ова, секој има и право на претставка до надлежните органи.

Извршителите работат по тарифа донесена од страна на Министерство за правда. Должникот, според извршната исправа, може да го плати долгот веднаш во доброволниот рок, во кој извршувањето е непотребно, односно бесплатно и не течат камати. Доколку должникот не плати во доброволниот рок, тогаш доверителот доставува барање за извршување на извршната исправа до извршителот. Ако должникот плати веднаш при прва достава и прв издаден налог за извршување, тогаш трошоците се помали, но извршните трошоци се зголемуваат доколку должникот не соработува со извршителот и избегнува да прима налози. Тоа, пак, за последица има растење на каматите, во согласност со извршната исправа.

Извршителот е должен да го наплати побарувањето и да ја реализира извршната исправа. Колку е подолг временскиот период од издавањето на првичниот налог за извршување до реализацијата и наплатата на побарувањето во согласност со извршната исправа, толку се поголеми и извршните трошоци и каматите во согласност со законот.

Должниците што соработуваат со извршителите се известени и за нивните законски права, а за заштита на нивните права можат да ангажираат и адвокати.

Извршителите им излегуваат во пресрет и на оние должници кои ќе достават соодветен доказ дека се приматели на социјална помош. За таа цел, по иницијатива на Комората во фаза на потпишување е меморандум  за соработка со Министерството за труд и социјална политика за соработка.

Сепак, извршителите, како последна алка во системот на остварување на правата на граѓаните, се тие кои се секогаш омаловажувани и напаѓани. Покрај ова, КИРМ овој месец  склучи меморандум за соработка со Управата за водење матични книги, а заради бесплатен пристап до информации и за намалување на трошоците за извршување, а сè во интерес за граѓаните.

Сакаме да нагласиме дека КИРМ  останува секогаш отворена за разговор и за дискусија, по кое било прашање во врска со извршувањето и извршителите. Претставници на нашата Комора и досега остварија голем број средби со заинтересирани странки и организации, а тоа ќе го прават и во иднина.

На крајот, сакаме да потенцираме дека Република Македонија  е правна држава во која владеат правото и законите.

Со почит,

Комора на извршители на Република Македонија

претседател Зоран Димов