/ Прочитано:

1.382

Компаниите бараат нови законски решенија за поттикнување на прометот со ИКТ-производи и опрема

Во Стопанската комора на Македонија се одржа седница на Здружението на информатичко-комуникациски технологии, на која се расправаше за проблемите со кои се соочуваат членките, со присутната сива економија на пазарот со ИКТ-производи и опрема, како и со увозот на употребени, стари и амортизирани пpоизводи, апарати и опрема од оваа област.

Компаниите, посочуваат од Стопанската комора, бараат државата да го заштити регуларниот пазар со ИКТ-производи и опрема и со ригорозна контрола, инспекции и активности за совладување на сивата економија. Контролите треба да се одвиваат постојано, како на границата на Република Македонија, така и на внатрешниот пазар.

На седницата се посочи и проблемот на провајдерите со дигиталните апарати за печатење поради увозот на стари, употребени и амортизирани апарати. Компаниите бараат воведување и почитување на европските стандарди во врска со зачувувањето на животната средина во Република Македонија, промена на законската регулатива поврзана со увоз  и пуштање во промет на производи, апарати и опрема, особено од информатичката технологија, кои не се во согласност со европските регулативи, промовирање и имплементација на најновите светски технологии од информатичката област и развој на информатичкото општество во Република Македонија.

Директивата на Европската Унија за забрана и рестрикција за користење на одредени опасни материи (RoHS Directive 2002/95/EC) во производите кои штетно влијаат врз животната средина, од 2006 година е задолжителна за членките на Унијата. До денес Директивата постојано се проширува и станува сè поригорозна во однос на употребата на штетните материи во одделни производи.

Повод за ова барање на компаниите членки на Здружението на ИКТ, посочуваат од Стопанската комора е сè поголемата набавка и употреба на стари апарати за печатење, копирање, мултифункциски уреди и друга ИТ-опрема од страна на државните институции, а кои се веќе отфрлени во Европа, со што Р. Македонија станува отпад за застарена опрема која во Европа веќе се исфрла од употреба.

„Примената на критериумот на најниска цена во тендерите во Република Македонија драстично го намали квалитетот на набавените производи и опрема во државните институции“, истакнуваат од Здружението.

M.В