/Прочитано:

37

Компаниите не се доволно информирани за придобивките и обврските од вклучувањето на лицата со хендикеп на пазарот на труд

Во рамките на проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“, на 10.10.2017 година во хотелот „Оаза“ во Штип, се одржа тренинг-обука за компаниите на тема:  „Придобивки и обврски при вработување лица со хендикеп“ во организација на Стопанската комора на Македонија, Регионалната комора со седиште во Штип и „Полио плус – движење против хендикеп“.

Во рамките на проектот беа одржани четири обуки на основно ниво наменети за компаниите на тема: „Инклузија на лицата со хендикеп на работното место“ и тоа: во Скопје на 22.6.2017 година, во Штип на 27.6.2017 година, во Велес на 4.7.2017 година и во Кавадарци на 15.9.2017 година, при што голем број  компании беа запознаени со придобивките и обврските што ги имаат при вработувањето на лицата со хендикеп.

Според истражувањата на Стопанската комора на Македонија, постои недоволна информираност на компаниите за различни прашања поврзани со вработувањето и задржување во работен однос на лицата со хендикеп. Тренинг-обуката беше наменета за компаниите, со цел да се информираат за соодветно приспособување и овозможување на еднаков третман на лицата со попреченост.

М-р Ирена Мојсовска од Стопанската комора на Македонија, проектен координатор, ги поздрави присутните и ги претстави активностите насочени кон институциите и компаниите кои имаат за цел да придонесат за целосно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси.

Проф. д-р Жанета Попоска, експерт во оваа област, говореше за правната рамка за овозможување еднаков третман на лицата со попреченост, за мерките кои се потребни да се преземат од страна на работодавачите, со цел да се овозможат непречени услови за работа, елементи и фактори.

На обуката беа споменати и меѓународните стандарди, меѓу кои се издвојува и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и Факултативниот протокол кон неа, кои беа усвоени со консензус од Генералното собрание на ООН на 13 декември 2006 година, беа отворени за потпис на 30 март 2007 година, а влегоа во сила на 3 мај 2008 година. Попоска напомена дека Конвенцијата е ратификувана од страна на Република Македонија во 2011 година. Беа споменати и елементите кои се неопходни да се обезбедат за непречен пристап на лицата со попреченост.

На крајот на обуката беа презентирани и пет студии на случај, по што беше развиена дискусија од страна на присутните кои ги изнесоа своите искуства и предлози поврзани со вклучувањето на лицата со хендикеп на пазарот на труд.

Преку овој проект ќе се таргетираат компаниите што се подготвени и сакаат да вработат лица со хендикеп или, пак, веќе имаат вработено такви лица. Постои цел сет активности што се насочени и кон институциите и компаниите, со цел да се отворат нивните врати за целосно и ефективно вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси.

Проектот „Центар за вработување лица со хендикеп“ е едногодишен проект на Стопанската комора на Македонија и „Полио плус – движење против хендикеп“ кој има за цел да ги подготви лицата со хендикеп за работа во компаниите и да ги информира и подготви компаниите за вклучување на лицата со хендикеп во работните процеси, обуки и активности во компаниите.

М.В