/ Прочитано:

1.285

Компаниите при рекламирањето треба да го задржат етичкото ниво: Рекламите може да се законски, а да не се пристојни

Компаниите да бидат внимателни и одговорни при рекламирањето, да го задржат етичкото ниво кое не може да се пропише со ниту еден закон, порачаа учесниците на денешната конференција што ја организираше Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам).

Неетичноста на бизнис огласувањето, што е особено изразено на интернет, во медиумите како „Јутјуб“ и „Инстаграм“, беше нагласено на конференцијата, најчесто е поради незнаење, а не вид свесна или намерна злоупотреба.

„Не се работи само за она што е легално, покриено со закон, туку за она што компаниите треба да го регулираат со своите внатрешни политики, за она на кое треба да внимаваат за да бидат етични“, образложи Мишел Османли од АмЧам.

Според неа, клучна е пристојноста. Рекламите, истакна Османли, може да се законски, а да не се пристојни. Пристојната е релативен поим и во некоја држава значи едно, а во друга нешто сосема трето.

„Во секој случај, компаниите треба да внимаваат нивните огласи да бидат секогаш пристојни за пошироката публика, иако нивниот стандард во локалната сфера може да е поразличен од оној во друга земја“, посочи Османли.

Како што напомена Стеван Ранѓеловиќ од Европската асоцијација на комуникациски агенции, законот некогаш не е доволно специфичен.

„Ако законот не кажува како на ‘Инстаграм’ можете да поддржите некој бренд, тоа не значи дека треба да одите против него, туку да го примените во најдобар дух. Прво правило на секое рекламирање е да кажете дека е тоа спонзорство, огласување. Постои воопштена практика во Европа дека ако поддржувате одреден бренд, на пример, на ‘Инстаграм’, треба да го поставите познатиот хаштаг ’ed‘ што на англиски означува реклама“, рече Ранѓеловиќ.

Во Македонија сè уште не се зборува за овие суптилни теми како што е етиката во рекламирањето, а земјата не е ниту член на Европската асоцијација која покрива над 30 држави.

Досега Асоцијацијата на рекламирање во Македонија за 13 години покренала само една одлука против неетичко огласување, а исто така, многу слабо или воопшто не се тужи во оваа сфера зашто нема надеж, како што истакна Османли, дека случаите ќе се решаваат соодветно.

„Во други земји обично тужи конкуренцијата ако некоја компанија рекламира или каже нешто што не е точно, но тука тоа не се случува. Се зборува за недоверба во судовите“, подвлече Османли.