/ Прочитано:

2.351

„Компаративна анализа на регионалните практики за парламентарен финансиски надзор над разузнавачките служби“ – Магдалена Лембовска

Автор: Магдалена Лембовска, истражувач за безбедносни прашања

Во демократско уредени држави, парламентот игра важна улога во распределувањето на ресурсите кои доаѓаат од државниот буџет. Како претставничко тело на граѓаните, парламентот го разгледува, одобрува, менува, дополнува и усвојува буџетот на секоја од државните институции, вклучувајќи ги и оние кои ги имаат разузнавањето и контраразузнавањето како примарни активности. Освен тоа, законодавната власт е овластена да врши надзор и контрола над спроведувањето на усвоениот буџет и на тој начин поттикнува отчетност и одговорност. Целта на овој труд е да ги идентификува најдобрите практики од регионот за вршење парламентарен надзор над разузнавачките служби, особено во процесот на обезбедување законитост и легитимност на нивните финансиски операции. Притоа, со цел поедноставување на текстот и земајќи ги во предвид различните организациски решенија на државите, се користи терминот “разузнавачки служби” за да се означат и разузнавачките и контраразузнавачките служби, без разлика дали функционираат како независни државни институции или служби во рамките на соодветните министерства. Во трудот се обработени можностите кои стојат на располагање на македонското Собрание за вршење парламентарен надзор над разузнавачките служби, особено оние кои се во надлежност на специјализираните парламентарни комисии. Понатаму, ќе бидат разгледани случаи од други држави во регионот со цел да се проучат нивните практики и законски решенија кои треба да поттикат финансиска отчетност на нивните разузнавачки служби. Со оглед на заедничкото минато во рамките на поранешна Југославија, овие држави во текот на последните две децении се соочуваа со предизвиците на транзицијата и изградбата на демократски, транспарентни и отчетни институции. Сепак, нивниот напредок не се одвива со еднакво темпо. Најдобрите практики се обработени во две студии на случај – Словенија и Хрватска, и двете држави-членки на Европската Унија. Нивните надзорни системи се разликуваат од повеќе аспекти и се креирани и развиени согласно специфичните процеси и потреби на секоја од државите.

Целосниот текст на трудот „Компаративна анализа на регионалните практики за парламентарен финансиски надзор над разузнавачките служби“