/ Прочитано:

7.416

Компјутерски криминал, домашна правна рамка и меѓународни договори – адвокат Јордан Апостолски

Во развиените земји 35% од пријавените кривични дела се поврзани со компјутерски криминал, а 80% од компјутерскиот криминал не се пријавува. 

За компјутерски криминал се сметаат сите случаи во кои се повредени следните добра: националната безбедност (инструкции за правење бомби, нелегално производство на дрога, терористички активности), заштитата на човековото достоинство (расна омраза и расна дискриминација), заштитата на малолетните лица (маркетиншка злоупотреба, насилство и порнографија);  економската безбедност (измами, насоки за пиратерија на кредитни картички);  безбедноста на информациите (хакирање),  заштитата на приватноста (нелегална комуникација на личните податоци, електронски малтретирања), заштитата на угледот (клевета и навредливи текстови, нелегално рекламирање); интелектуалната сопственост (незаконска дистрибуција на авторски дела, како софтвер или музика) итн.

Кражби и измами

Најчестите форми на кражби и измами кои вклучуваат злоупотреба на информациите и комуникациските технологии се:

 а. Измами со кредитни картички и хартии од вредност

Сторителот ги користи податоците од друга кредитната картичка со цел илегално да направи одредени купувања на стоки или услуги или да направи други промени на сметката. Можноста за измама, исто така, постои во случај на трговија со хартии од вредност извршена преку Интернет. Процената е дека повеќе од 16% од вкупната трговска размена се случува преку Интернет.

б. Кражба на идентитет

Тоа е случај на незаконско стекнување и употреба на личните податоци, со цел да се добијат добра и услуги на туѓо име. Кражба на идентитет често изедначува со измама со кредитни картички, но би можела да има и други форми. На пример измами со електронски договори (продавање или купување на недвижен имот), електронско плаќање на сметките итн.

в. Зграпчување и узурпирање компјутерски услуги

Зграпчување и узурпирање компјутерски услуги ги опфаќа сите форми на мешање или спречување на компјутерски и телекомуникациски услуги што можат да предизвикаат штетни последици на корисниците на овие услуги.  Меѓу најчестите облици се: кражба на сигнал емитуван преку кабелски телевизиски услуги; напад на услуги; испраќање на несакани и вознемирувачки пораки (спам); и инсталирање програми со рекламни содржини.

Компјутерски шпионирања

Компјутерската шпионажа опфаќа дела на користење на специјални компјутерски софтвери (spyware) кои се „вгнездуваат“ во компјутерот со цел да ја преземат контролата на системот преку: собирање и примање информации; инсталирање други видови софтвер; пренасочување на интернет прелистувачот и на други страници итн.

3. Хакерство и нелегални влегувања во компјутерски системи

Пошироката дефиниција за хакирањето ги опфаќа сите форми на користење технологија за целите за кои не е наменета таа технологија. Хакирањето претставува пристап на компјутерски систем без изразена или индиректна дозвола од сопственикот на системот. Потесната дефиниција на хакирањето е: нелегален пристап до еден или повеќе компјутерски системи со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносните пречки, како што се: лозинки и „firewalls“, со цел да ги користат или да ги крадат податоците или да вметнат нови (надворешни) програми.

4. Вируси, дистрибуција и други форми на загрозувачки софтвер (malware)

Терминот компјутерски вирус се користи за прв пат во 1970 во рамките на АРПАНЕТ (ARPANET) со цел да ја одбележи самопримената на компјутерските програми кои се штетни за компјутерскиот систем. Освен терминот компјутерски вирус, исто така, се користи уште еден термин: „computer infection programme”, односно загрозувачки софтвер (malware).  „Computer infection programme“ се однесува на четири категории загрозувачки софтвери: логички бомби (logical bombs) , тројански коњи (Trojan horses), вируси и црви (worms).

5. Манијачење (Cyberstalking)

Toa значи користење на компјутер или друга форма на информатичката технологија за следење на другите луѓе, на нивните активности и за движења без нивно знаење, со цел да ги застрашат, за сексуално задоволство или со други нелегални мотиви.

6. Производство и дистрибуција на нелегални порнографии

Информатичката технологија и особено Интернетот овозможи лесно производство и дистрибуција на детска и други видови на нелегална порнографија. Оваа активност главно се должи на фактот дека Интернетот гарантира анонимност. Во споредбеното право активностите на производство, симнување, ширење, како и поседување материјали со нелегални порнографски содржини, се казниви. Дистрибуцијата често се прави преку користење на некој софтвер за пренос на податоци, како и комуникација преку некој интернет софтвер (на пример Internet Relay Chat-IRC), групи за вести итн.

7. Сајбер тероризам (Cyberterrorism)

Терминот сајбер тероризам се однесува на сите акти кои комбинираат форми на тероризам и  сајбер простор ( cyberspace).  Сајбер тероризмот има две важни карактеристики:

 1. Тие се нелегални напади и закани за напади на компјутери, мрежи и информации со закани врз владата и луѓето, со цел да се постигне одредена политичка или општествена цел и

 2. Напад што резултира со насилство против лица или имот, со цел да се предизвика страв.

8. Права од интелектуална сопственост

Повреда на правата од интелектуална сопственост како форма на компјутерскиот криминал постои кога информациите и компјутерска технологија се користат како средство. Инкриминирање на овие повреди, номотехнички може да бидат покриени или од кривичните закони или со законите со кои се регулира правото на интелектуална сопственост.

 Дигитална пиратерија

Особено важно е криминализацијата на дигиталната пиратерија како форма на повреда на авторското право и сродните права, феномен кој предизвикува огромни материјални загуби. Дигиталната пиратерија често се дефинира како нелегална репродукција на творбите што припаѓаат на некој друг, со цел да се користат бесплатно или да се претстават како своја интелектуална работа.

Меѓународни правни извори

1. Конвенцијата за компјутерски криминал на Советот на Европа

Иако претходно постоеја обиди за дефинирање на материјалните норми кои ја регулираат меѓународно-правната соработка, сепак, Конвенцијата по својата сеопфатност, флексибилност и можност за лесно инкорпорирање во националните законодавства, иако првично наменета за државите во Европа, стана препознатлив механизам за лесна комуникација меѓу државите од целиот свет. Конвенцијата содржи материјални и процесни норми и норми за меѓународна соработка. Одредбите од областа на материјалното право се однесуваат на недозволен пристап,  недозволено пресретнување,  упад во податоци, упад во систем, злоупотреба на уред,  фалсификување поврзано со компјутер, измама поврзана со компјутер,  дела поврзани со детска порнографија, дела поврзани со повреда на авторски и други сродни права.

2. Советот на Европа ја усвои Конвенцијата за компјутерски криминал во Будимпешта на 23.11.2001 година. Вкупно 58 држави се потписнички на Конвенцијата, од кои 28 со ратификација. Конвенцијата беше потпишана од Македонија на 23.11.2001 година, ратификувана на 15.09.2004 година, а влезе во сила на 01.01.2005 година

3. На Конвенцијата за компјутерски криминал подоцна се надоврзуваат и Конвенцијата за заштита на личните права при автоматизиран процес на обработка на личните податоци со амандманите, Дополнителниот протокол за авторизиран проток на лични податоци надвор од државата, Дополнителен протокол на Конвенцијата за компјутерски криминал за заштита од расизам и ксенофобија,  Конвенција за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба и директивите на ЕУ.

Домашна правна рамка која го регулира компјутерскиот криминал:

Кривичниот Законик (КЗ), Законот за кривичната постапка (ЗКП), Законот за електронските комуникаци, Законот за следење на комуникациите, Законот за електронска трговија, Законот за електронско управување, Законот за парнична постапка, Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис и Декларацијата за побезбеден интернет.

 Кривични дела:

• член 144 – Загрозување на сигурноста

• член 147 – Повреда на тајноста на писмата или други пратки

• член 149 – Злоупотреба на лични податоци

• член 149-а – Спречување на пристап кон јавен  информатички систем

• член 157 – Повреда на авторско право и сродни права

• член 157-а – Повреда на правото на дистрибутерот на технички посебно заштитен сателитски сигнал

• член 157-б – Пиратерија на аудиовизуелно дело

• член 157-в – Пиратерија на фонограм

• член 193 – Покажување на порнографски материјал на дете

• член 193-а – Производство и дистрибуција на детска  порнографија

• член 193-б – Намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години

• член 251 – Оштетување или неовластено навлегување во компјутерски систем

 • член 251-а – Правење и внесување на компјутерски вируси

• член 251-б – Компјутерска измама

• член 271 – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување

• член 274-б – Изработка и употреба на лажна платежна картичка

8.6.2015