/ Прочитано:

4.103

Кон потребата за ратификација на Истанбулската конвенција

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно нарекувана Истанбулска Конвенција е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените.

Конвенцијата досега е потпишана од 29 земји членки на Советот на Европа, а ратификувана од 13. Македонија оваа конвенција ја потпиша на 08.07.2011 година без резерви.

„Оваа Конвенција е од огромно значење за заштитата на жените и женските права, бидејќи истата упатува на тоа дека насилството врз жените е родово базирано, односно дека истото се извршува врз жените само поради фактот што тие се жени“, вели Наде Качакова, претседателка на невладината организација МАДИ

Качакова објаснува дека со цел правилно да се третира проблемот на насилство врз жените, во Конвенцијата се дадени низа дефиниции за поимите како што се „насилство врз жените“, „домашно насилство“, „род“, „родово засновано насилство“ и „жени“.

„За државите коишто ја ратификувале оваа Конвенција се предвидуваат низа обврски во смисла на целосно третирање на сите облици на насилство врз жената и превземање на сите соодветни мерки за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Притоа, правата на жртвата треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации“, истакнува таа.

Со цел да се даде ефективен одговор во борбата против насилство врз жените во 2011 година се донесе Заедничкиот протокол за постапување во случај насемејно насилство кој што не е од правно-обврзувачкикарактер, а во кој во целост се разработува постапувањето по пријава на случај на семејно насилство за секоја надлежна институција (Министерство затруд и социјална политика, Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство, Министерство за образование и наука, и невладините организациии).

„Услов за стапување на сила на оваа Конвенција е да постои ратификација до 10 држави од кои 8 – членки на Советот на Европа. Со стапувањето во сила кое ќе се случи на 01 Август 2014, државите се обврзуваат да ги применат сите одредби од Конвенцијата (освен доколку не постојат резерви) и да се борат за унапредување на состојбата на жените во општеството.

Степенот на присуство насилство врз жените и недостатокот од свест во врска со истото укажуваат на тоа дека оваа Конвенција ќе биде почетна точка на еден долг процес на промена во перцепцијата и менталитетот на луѓето“, објаснува Качакова.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

30. 07. 2014