/ Прочитано:

1.947

КОНФЕРЕНЦИЈА „ОЧИ ЗА ЕДНАКВОСТ“: Лицата со попреченост сè уште се судираат со стереотипи и предрасуди

Денеска во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и со поддршка  од Британската амбасада во Македонија, се одржа конференцијата „Очи за еднаквост“, посветена на лицата со попреченост.

На денешната конференција, на која се обратија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, британскиот амбасадор Чарлс Гарет и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, беа презентирани истражувањата и анализите за потребите од промени за лицата со посебни потреби во областите на социјална заштита, образование, здравствена заштита, вработување и квалитет на живот.

Нагласувајќи ја важноста на анализата, министерката за труд и социјална политика на денешната конференција истакна дека е потребна функционална проценка на можностите на лицата со физичка и интелектуална попреченост, а не само на нивната попреченост, во насока на нивна инклузија во општеството и пазарот на труд.

„Доколку едно лице го држите на социјална заштита со години, го правите сè поисклучено од општеството и од пазарот на труд. Затоа треба да се направат напори образовниот систем и заштитниот систем да бидат во насока на вработување и инклузија на лицата таму каде што тоа е можно. Немањето мерки во таа насока ги прави овие лица сè попасивни и наместо да се водат дебати за тоа колку активни мерки наменети за нив има, какви квалификации имаат лицата, сè се сведува на дискусија за зголемување на додатокот. Јас сум за поголеми додатоци, но и за поголеми можности да се вклучат во пазарот на трудот и во општеството за да почувствува лицето дека само заработува и да има повеќе самодоверба”, истакна Царовска.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамките на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, поддржан од Британската амбасада во Македонија, подготви Анализа на состојбата на лицата со интелектуална попреченост и комбинирани пречки во Република Македонија, како и Анализа на состојбата на лицата со физичка попреченост во Република Македонија.

„Лицата со интелектуална попреченост и понатаму се на маргините на општеството, при што секојдневно се во борба за докажување дека нивните потреби мора да бидат земени предвид во контекст на човековите права“, се вели во Анализата за состојбата на лицата со интелектуална попреченост и комбинирани пречки во РМ.

Во Република Македонија, лицата со попреченост сè уште се далеку од можноста да го унапредуваат сопствениот квалитет на живеење, бидејќи досегашните законски решенија, како и лошата практика, не создаваат овозможувачка околина за овие лица.

Во Анализата за лицата со физичка попреченост се констатира дека евидентно е непостоењето статистика и евиденција на лицата со попреченост во сите области, што резултира со неможност да се прави споредба на сите параметри кои го одредуваат квалитетот на живеење во споредба со другото население.

„Отпорот и сè уште видливото неприфаќање на лицата со попреченост како рамноправни чинители во општеството покажуваат дека сè уште е многу малку направено во однос на подигнувањето на свеста и поттикнување на почитувањето на правата и достоинството на лицата со попреченост. Лицата со попреченост сè уште се судираат со стереотипи и предрасуди, непризнавање на нивните способности и нивниот придонес во општеството“, се вели во Анализата.

М.В