/ Прочитано:

2.228

Конференција „Европска меѓународноправна заштита на човековите права –ЕСЧП“ во организација на ЕЛСА – Република Македонија

Во организација на ЕЛСА – Република Македонија се одржа Конференција  „Европска меѓународноправна заштита на човековите права – ЕСЧП“. На оваа конференција се говореше за улогата на Европскиот суд за човекови права како заштитник на човековите права на европско ниво.  На Конференцијата говореа адвокатот Костадин Богданов, поранешен владин агент од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, адвокатот Жарко Хаџи Зафиров и Славица Чубриќ, виш правен асистент при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Пред големиот број учесници на настанот, Костадин Богданов ја објасни работата на владиниот агент и предизвиците со кои се справува тој, а Жарко Хаџи Зафиров ја објасни постапката низ призмата на апликантот до Европскиот суд за човековите права. Славица Чубриќ, пак, го пренесе своето искуство од работата во Судот и  го објасни начинот на кој влијаат пресудите од ЕСЧП и го менуваат домашното законодавство.

Како меѓународен суд, Европскиот суд за човекови права  е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби во коишто има наводи за повреда на граѓанските и политичките права предвидени со Европската конвенција за човекови права. Во речиси педесет години, Судот има донесено повеќе од 10 000 пресуди.

Неговите пресуди се задолжителни за засегнатите држави на тој начин што во одредени ситуации владите на тие држави треба да го изменат своето законодавство и административна практика во повеќе различни области. Практиката на Судот овозможува Конвенцијата да биде моќен жив инструмент за ефикасно соочување со нови предизвици и за зацврстување на владеењето на правото и демократијата во Европа.

Од аспект на ЕЛСА, но и од аспект на заштитата на човековите права во поширок контекст, темата за заштитата на човековите права низ призмата на постапките пред Европскиот суд за човекови права има исклучително значење. Запознавањето со постапката пред ЕСЧП, вели Ангела Јанкоска, претседателка на ЕЛСА – Македонија, е наша континуирана заложба и предизвик.

„И покрај тоа што Европската конвенција за човековите права и Европскиот суд за човекови права сè повеќе добиваат на значење во нашиот правен систем, речиси и да не се опфатени со формалното образование што го стекнуваме на факултет. За просечен студент по право постапката пред Судот за човекови права е целосно непозната, а факт е дека во иднина најверојатно сите, барем еднаш, ќе дојдеме во допир со оваа материја. ЕЛСА РМ преку своите настани настојува да ги надополни недостатоците и да им понуди на студентите да научат нешто повеќе, па така и со оваа конференција сакавме да ги поттикнеме да почнат да размислуваат и во оваа насока. Знаењето што го стекнаа на овој настан претставува одреден темел кој тие натаму ќе можат да го надградуваат“, истакнува Јанкоска.

ЕЛСА РМ организација од студентите за студентите по право, национална гранка на Европска студентска асоцијација која ја спроведува интернационалната соработка, дејствува и на локално ниво и се посветува на подобрување на квалитетот на целиот студентски живот на своите членови. Како своја глобална цел ја има поставено промоцијата, воспоставувањето и развојот на заемно почитување, соработка и контакти меѓу студентите по право и младите правници од земјата и странство и преку тоа да придонесува во реализацијата на визијата на ЕЛСА: „Праведен свет каде што има почит за човечкото достоинство и културната разноликост“.

М.В