/Прочитано:

115

Констатации и препораки на Народниот правобранител за состојбите во казнено-поправните и воспитно-поправните установи

Во својот годишен извештај, Народниот правобранител истакнува дека здравствениот систем во казнено-поправните установи изумира. Здравствената заштита во затворите, истакнува Правобранителот, е под секакво ниво и стандарди, а по три години од донесените законски измени, таа не е целосно преземена ниту од Министерството за здравство, ниту за нејзино ефикасно функционирање се обезбедуваат потребните финансиски и материјални средства.

„Загрижува состојбата во затворите, затоа што во дел нема воопшто вработено лекар, а таму каде што има тој е достапен само до 16 часот, по што за осудените и притворените лица се грижи друго осудено лице или затворската полиција. Појавата на смртни случаи на осудени лица во извештајниот период, која е нотирана и во периодот потоа, алармира на потребата од сериозен пристап и решавање на проблемот со здравствената заштита, како од аспект на превенција така и за навремена, соодветна и ефикасна здравствена заштита на притворените и осудените лица. Исто така, не е решен најгорливиот проблем во казнено-поправните установи – пренатрупаноста, што во најголема мера придонесува осудените и притворените лица да ја издржуваат казната во лоши и деградирачки услови, што претставува нехуман и деградирачки третман“, посочува Правобранителот.

„Системот на здравствена заштита во казнено-поправните установи не е функционален, уште помалку е ефикасен, а во некои и воопшто го нема. Осудените и притворените лица добиваат некаков здравствен третман само во работното време на здравствената служба. Во спротивно, за нив се грижи или друго осудено лице или затворската полиција, а само во посебни случаи се носат на клиника. Понатаму, пристапот на осуденичките до здравствената служба во КПД ’Идризово‘ е тежок и многу редок. Отсуствуваат редовни и контролни прегледи, рана детекција и превенција на болести кај жените, нема обезбедено гинеколошки прегледи, а во установата нема вработено лекар-гинеколог. Со години не е обезбеден редовен образовен процес во казнено- поправните установи, ниту е соодветно екипиран Секторот за превоспитување што негативно влијае врз ефикасноста на процесот на ресоцијализација и социјална адаптација на осудените и притворените лица. Случаите на прекумерна употреба на сила врз осудени лица од страна на затворската полиција укажуваат на недоволна едуцираност и непрофесионален однос на вработените во вршењето на службата“, констатира Народниот правобранител во извештајот.

Потребно е, вели Народниот правобранител, да се пристапи кон измена на Законот за извршување на санкциите, со што здравствената заштита ќе се врати во надлежност на Управата за извршување на санкциите и ќе се обезбеди соодветен и ефикасен пристап до здравствени услуги, преку обезбедување на редовни и навремени прегледи од здравствени работници во затворите, во текот на 24 часа и ќе се отстрани опасноста од влошување на здравствената состојба на осудените и притворените лица, односно зачувување на нивниот живот и здравје.

Исто така, додава Правобранителот, потребно е итно преземање мерки за создавање на основни предуслови и ресурси (кадровски, материјални, финансиски) за обезбедување на правото на здравствено осигурување и здравствена заштита на лицата во казнено-поправните установи, во согласност со меѓународните и домашните стандарди.

„Неопходно е Владата во соработка со Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и управите на казнено-поправните установи неодложно да преземе мерки за намалување и ефикасно решавање на проблемот со пренатрупаноста, како и мерки за подобрување на условите за издржување казна затвор/притвор, почитувајќи го човековото достоинство на овие лица. Министерството за здравство да преземе мерки за итно имплементирање на Законот за извршување на санкциите за воспоставување соодветен систем на здравствена заштита во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, преку доекипирање и вработување на потребниот здравствен персонал, како и мерки за подобрување на условите и опременоста во затворските амбуланти. Здравствената заштита на осуденичките треба да биде редовна и навремена. Без одлагање, Женското одделение, односно Управата на установата во КПД ’Идризово‘ треба да обезбеди, во секое време, пристап до лекар на осуденичките, во согласност со нивните потреби, да се доекипира здравствената служба со соодветен персонал и под итно да се обезбедат редовни гинеколошки прегледи“, образложува Правобранителот.

Министерството за образование и наука и Управата за извршување на санкциите, нагласува Народниот правобранител, треба сериозно да се ангажираат за воспоставување и реализирање на задолжителното редовно основно и средно образование на осудениците во казнено-поправните установи, како дел од општиот систем на образование и воспитување, користејќи ги компаративните искуства и позитивните практики од други држави.

Во таа насока, потребни се почести и континуирани едукативни обуки на вработените во затворската полиција за почитување на човековите слободи и права и поголема професионалност во односот и постапувањето со осудените/ притворените лица.

М.В