/ Прочитано:

1.198

Конститутивна седница на Советот за безбедност

Вторник, 30 септември 2014 – Денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, се одржа конститутивна седница на новиот Совет за безбедност.

На седницата, како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, Советот за безбедност ги утврдил активностите поврзани со прашањата за безбедноста и одбраната на Републиката за наредниот период, со цел да се дадат соодветни предлози до Собранието и Владата, како и мислења по определени акти од областа на безбедноста и одбраната кои ги донесува Претседателот на Републиката, согласно Уставот и законите.

„Советот за безбедност констатира дека субјектите на системот за национална безбедност успешно ги исполнуваат должностите од делокругот на своите надлежности, дека функционираат на највисоко можно ниво и дека постои координација и соработка меѓу субјектите во насока на натамошно јакнење на националните безбедносни капацитети. Советот за безбедност на седницата заклучи, субјектите на системот за национална безбедност да ги зајакнат активностите во насока на обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, а со цел подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана и ризик“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.

Оттаму посочуваат дека членовите на Советот за безбедност размениле информации и мислења во врска со актуелните случувања во Сирија и Ирак, и рефлектирањето на тие состојби во нашиот регион и во Република Македонија. Посебен акцент бил ставен на состојбата со присуство и регрутирање на граѓани од нашиот регион и од Република Македонија во тие кризни региони.

ДУИ без свој претставник

ДУИ, која не го признава легитимитетот на Иванов, остана без свој претставник во Советот. Покрај професорот Вели Креци, кој беше и досега во Советот за безбедност, Иванов назначи уште двајца нови членови.  Нов член на Советот е поранешната пратеничка на ДПА Флора Кадриу. Кадриу додека беше народен избраник од ДПА премина во Нова Демократија. Во тој период таа беше избрана за член во девет собраниски комисии, две држави делегации и да ја претставува Македонија во три собраниски групи за соработка со други земји. 

Во новиот состав на Иванов е и генерал-потполковникот од АРМ, воедно и заменик началник на Генералштабот на армијата, Насер Сејдини од гостиварска Лакавица. Сејдини завршил Воена морнаричка академија во Сплит, Командно-штабна академија во Скопје и Школа за национална одбрана во Турција.

Другите петмина по функција се членови во Советот за безбедност: претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски и министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, Зоран Јолевски, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска.

Советот за безбедност, чиј статус е уреден со Уставот, разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози до парламентот и Владата. Со него претседава шефот на државата, кој е и врховен командант на Армијата.