/ Прочитано:

2.140

КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: „Од септември, со државна поддршка, минимална плата од 12.000 денари“

Во Министерството за финансии на Република Македонија се одржа работна консултативна средба, на која заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, ги информираа претставниците од стопанските комори околу регулирањето на прашањето за висината на минималната плата.

На денешната средба беше констатирано дека економскиот раст е можен ако паралелно растат и компаниите но и платите, а во заедничка соработка и консултација да се донесат потребни избалансирани мерки, со кои ќе се зголеми мотивацијата на вработените, а со тоа да се влијае и врз зголемување на продуктивноста.

Предлогот е минималната плата да изнесува 12.000 денари, која ќе опфати околу 130.000 вработени лица, а за кое покачување Владата би покрила дел од трошоците. Поконкретно, Владата со 1,5 милион евра буџетски средства месечно ќе ги поддржи компаниите да исплаќаат минимална плата од 12.000 денари.

Исплаќањето на минималната плата, истакна на средбата министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе почне од септември кога се очекува и стартот на исплатата на минималната плата од 12.000 денари, со што до крајот на годинава би биле потрошени шест милиони евра државни пари.

Коморите даваат поддршка на овој процес, но отворија и дополнителни прашања кои треба да се разгледаат во процесот на креирање на законското решение. Новиот закон за минимална плата ќе биде дебатиран и пред  Економско-социјалниот совет и пред да биде донесен, ќе биде доставен за мислење до коморите.

„Зголемувањето на платите максимум по 2.000 денари од вработен или 16 отсто не е голем товар за бизнисот“, смета претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

М.В