/ Прочитано:

1.749

КОНТИНУИРАНО АДВОКАТСКО ОБРАЗОВАНИЕ ПРЕКУ РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА: Промовирана регионалната E-learning програма

Адвокатската комора на Македонија, Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN) и Партнери за демократски промени Србија (Партнери Србија),  одржаа презентацијата на регионалната E-learning програма.

Програмата е имплементирана од страна на „Партнери Србија“ со поддршка од BRRLN, а со цел подобрување на системот на континуирано образование за адвокатите и адвокатите-приправници преку изработка на on-line тренинг програма во земјите на програмата BRRLN – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија.

Презентацијата на програмата ја отворија Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора на Македонија, Елизабет Гивенс, директор на програмата, и Блажо Недиќ, претседател на „Партнери Србија“.

„Адвокатската комора на Македонија ги поддржува сите проекти кои се од интерес и корист за нејзините членови. И за овој проект дадовме целосна поддршка и бевме вклучени во неговата реализација од самиот почеток. Она што е особено важно за овој проект, а што воедно е голема бенефиција за адвокатите, е што преку него до адвокатите се приближува електронскиот начин на обуките“, рече Никола Додевски, нагласувајќи го значењето на континуираната едукација за адвокатите.

Елизабет Гивенс, директор на програмата, истакна дека вмрежувањето на адвокатите од регионот низ едукација и можност за взаемна соработка претставува значаен исчекор во регионалната адвокатура.

„Оваа платформа им овозможува на адвокатите да стекнуваат нови знаења, како и да соработуваат, но и да бидат предавачи. Од посебна важност е што програмата има регионална компонента. Имавме одлична соработка со адвокатските комори од регинот и, секако, со Адвокатската комора на Република Македонија и со нејзиниот претседател, Никола Додевски“, рече Гивенс, која ги охрабри адвокатите да дадат свој придонес во насока на перманентната едукација во рамки на платформата.

Блажо Недиќ, претседател на „Партнери Србија“, повикувајќи се на своето долгогодишно искуство во реализацијата на проектите поврзани со адвокатурата, рече дека проектите за адвокатите се реткост и дека тие како фела треба максимално да се посветат во реализацијата на нови и квалитетни проекти, што за нив ќе биде од голема корист за нив.

„Како адвокати од регионот имаме исти или слични проблеми и мораме да се бориме за вакви проекти кои не соединуваат. Мораме да се бориме за нив и за зголемената регионална соработка. Ова е навистина корисен проект“, рече Недиќ. Тој појасни дека програмата ќе содржи теми поврзани со човековите прави во кривичните постапки, апликација за Европската конвенција за човекови права, фундаменталните слободи и Европскиот суд за човекови права, како и различен спектар на предавања и анализи.

Недиќ подвлече дека регионалната E-learning програма ќе биде достапна за заинтересираните адвокати и адвокатски приправници во секое време и од било кое место, а адвокатите преки користењето на интернетот на непосреден начин ќе може да ги разгледуваат и анализираат презентациите и предавањата во рамки на предавањата, да бидат дел од форумот на адвокатите, но и да даваат свои сугестии преку конкретни мислења поврзани со улогата и поставеноста на адвокатурата во правосудниот и правниот систем, каде и практично се профилираат проблематиките во врска со вршењето на дејноста.

Заедно со  презентацијата на Регионалната E-learning програма, се одржа и предавање за шитање и интерпретација на пресудите на Европскиот суд за човекови права и нивното користење во домашните судски постапки од страна на адвокатите, приправниците, и стручните соработници од страна на адвокатот Ружица Николовска.

М.В