/ Прочитано:

3.114

Корисни совети за младите правници за градење на нивната кариера

Илустрација, адвокати

Младите правници на почетокот од својата кариера се исправени пред сериозни предизвици за постигнување успех во кариерата и за промовирање на своите квалитети пред работодавачите.

Аби Гордон, директорка на „Латерал линкс“, агенција за селектирање и регрутација на млади правници од Њујорк, од своето долгогодишно искуство во работата со таков кадар, во една од своите колумни, дава неколку совети за правниците кои планираат да се занимаваат со адвокатура.

Таа им препорачува на правниците, уште додека студираат, да го искористат летниот одмор така што ќе одат на пракса или ќе волонтираат во некоја адвокатска канцеларија за да стекнат вештини кои ќе можат да ги искористат во понатамошната работа како адвокати. На тој начин, тие можат да научат техники за застапување пред судот, да научат за односот со клиентите и општо да стекнат редовни работни навики.

За градењето на својот углед  и за надградувањето на професионалната биографија многу е важен изборот на адвокатската канцеларија каде што ќе оди на практична работа студентот по право. Секако, работењето во престижна и позната компанија претставува маркетиншка предност и зголемување на сопствената цена на пазарот на труд, а речиси на секој работодавач му е важно каде ја градел својата кариера младиот правник и со што се занимавал. Ако работел во голема канцеларија, секако дека тоа претставува предност во однос на помала, локална канцеларија која се занимава со предмети од помала вредност.

Според Гордон, изборот на потенцијалното работно место на правникот ќе му го смени стилот на живот и ќе даде слика за неговиот карактер и професионалност во работењето. Начинот на однесување, манирите, правилата за облекување, работата со големи клиенти и со предмети од голема вредност ќе им дадат дополнителен мотив на правниците да се надградуваат и во приватниот живот и како резултат на сето тоа ќе бидат одговорни граѓани и професионалци.

На крајот, многу важен совет кој можат да го добијат правниците е надградувањето. Без постојано следење на тековните новини од општествениот живот, не само на законите, правникот ќе заостане зад другите кои грабат напред. Следењето на тековните промени во законодавството, судската пракса, следењето на правните новини ќе придонесе во градење на сериозна правна фигура и можност за успешен развој на правничката кариера.

Извор: www.abovethelaw.com