/ Прочитано:

1.096

КРАЈ НА ПРОТЕСТОТ ШТО ЈА ОБЕДИНИ БАЛКАНСКАТА АДВОКАТУРА: По исполнетите барања, српските адвокати повторно во судница

По речиси пет месеци протести и сто илјади откажани судења и сослушувања, српските адвокати денес започнаа со работа откако се исполнија нивните барања за измени во новите законски решенија за нотарите и за паушалното оданочување на адвокатите.

Правда од судница на улица

Адвокатите низ цела Србија почнаа да протестираат на 17 септември минатата година и низ солидарен протест, како никогаш дотогаш познат, го искажаа својот револт од новите законски решенија за нотарите и за паушалното оданочување, притоа акцентирајќи дека таквите решенија  се дискриминирачки за адвокатите и ѝ одат на директна штета на адвокатурата како служба, но со тоа и на граѓаните и нивните права.

За време на протестот српските судници останаа празни, а адвокатите буквално го парализираа правосудниот систем.

Драгољуб Ѓорѓевиќ за АКАДЕМИК: „Министерот не е свесен со која професија влезе во судир“

„Не е ли ова доказ која е силата на адвокатурата“, коментираа тогаш српските адвокати, а лидерот на српските адвокати, Драгољуб Ѓорѓевиќ, за Академик изјави дека „министерот за правда не е свесен со каква професија влезе во судир“.

Адвокатскиот протест секогаш беше проследен со жестока реторика и полемики меѓу адвокатските и владините претставници, а адвокатите и покрај притисоците за неуспех на протестот беа солидарни во своите зацртани цели.

По неколку месеци упорност, солидарност и добро разработена стратегија, во реториката на ресорниот министер веќе се забележуваше најава за отстапки од неговите првични непопустливи ставови.

Заеднички тимови од двете „страни во спорот“

Тоа резултираше со формирање заеднички тимови од двете „страни во спорот“ кои, по повеќенеделното преговарање,,ги усогласија ставовите што се темелат на потребата од итна измена на донесените законски решенија за нотарите и за оданочувањето на адвокатите.

Еден од позначајните елементи на договорот, според законските измени, е дека веќе нема да има задолжителна нотарска заверка при прометот на недвижности, со што и практично се ограничува работата на нотарите од тој аспект, а исто така, се утврди дека и паушалниот данок ќе биде зголемен најмногу за 10 проценти, што за адвокатите беше апсолутно прифатливо.

Протестите на српските адвокати поминаа со особен интерес кај севкупната балканска адвокатура и на некој начин тие симболично се претворија во регионална идентификација со проблемите на адвокатурата пошироко во регионот.

Резолуцијата која ги обедини балканските адвокати

Кулминација на таквата поддршка беше потпишувањето на Резолуцијата за поддршка нa српската адвокатура, која беше објавена на средбата на претставниците на регионалните балкански комори што се одржа во Србија, во Сремски Карловци.

На собирот, претставниците на адвокатските комори изразија целосна поддршка за самостојноста на српската адвокатура. Тие им дадоа целосна и безусловна поддршка на легитимните протести за да се заштити самостојноста и независноста на адвокатската професија во Србија, како и основните права и слободи на граѓаните.

Документот, во кој се наведува дека „во овој момент во Република Србија се загрозува независноста на адвокатската професија, а со тоа и на владеењето на правото“, е потпишан од претставници на адвокатските комори на Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија и Унгарија. Исто така, како што посочуваат за Академик учесници на меѓународниот собир, и претставниците од Црна Гора ја дале својата поддршка, но тие оправдано биле оневозможени да дојдат.

Во потпишаната Резолуција нагласија дека е неприфатливо „мешање на извршната власт во независноста на адвокатската професија“, што е регулирано со сопствените прописи на Комората и со почитување на сите внатрешни и меѓународни прописи.

Секој граѓанин има право на слободен избор на адвокат

„Секоја држава е должна да обезбеди ефикасни постапки и соодветни механизми за ефикасност и еднаква достапност на адвокатите до сите лица, без никаква дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, етничко потекло, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или општествено потекло, имотна состојба, раѓање, економски или друг статус.

Секоја држава е должна да им обезбеди еднаквост на граѓаните, слободен пристап до правдата и правната сигурност.

Секој граѓанин има право на слободен избор на адвокат, на почитување на неговата волја и на правото на тајност за сето она за коешто разговарал со својот адвокат што го избрал со цел да ги заштити своите права и интереси“, се наведува во Резолуцијата.

>>>РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА САМОСТОЈНОСТА И НЕЗАВИСНОСТА НА АДВОКАТУРАТА како еден од условите за остварување на владеењето на правото

>>>БАЛКАНСКИТЕ АДВОКАТИ СОЛИДАРНИ: Донесоа Резолуција за заштита и поддршка на српската адвокатура – аплауз за македонскиот претставник

>>>ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ДРАГОЉУБ ЃОРЃЕВИЌ, ЛИДЕР НА СРПСКИТЕ АДВОКАТИ: Министерот за правда не знае со каква професија влезе во судир!

>>>Адвокатите од Србија честа ќе ја бранат со штрајк: „НЕ“ за новите давачки и одземените надлежности!

M.В / veljanoskim@akademik.mk

26.1.2015