/ Прочитано:

2.454

Предавањето на Златко Јакимовски на Школата за млади кривичари

КРИТИЧКА АНАЛИЗА НА ЗАКОНОТ ЗА ОДРЕДУВАЊЕ НА ВИДОТ И ОДМЕРУВАЊЕ НА ВИСИНАТА НА КАЗНИТЕ

Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните го укинува институтот на судско одмерување на казните и нè враќа назад во 19 век, во времето на Анселмо Фоербах и на апсолутно одредените казни, каде што судијата не е ништо друго освен уста што го изговара словото на законот, истакнува во своето предавање Златко Јакимовски, студент на магистерски студии по Казнено право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој е студент кој најрано дипломирал во историјата на Факултетот.

foto akademik

„Критичка анализа на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните (Сл. весник 199/14)“ е дел од  предавањата кои се одржаа на Школата за млади кривичари во Охрид.

 „Измените на КЗ од 2014 година наложуваа, во согласност со членот 39 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд да донесе правилник со којшто ќе се одредуваат и одмеруваат казните.

Правилникот беше донесен, но по жестоката критика од страна на научниците и практичарите дека темелно го нарушува начелото на законитост (Nullum crimen nulla poena sine lege), коешто е основно начело на модерното казнено право и означува дека сите казнени дела и сите санкции мораат строго да бидат определени со закон, а не со правилник, којшто во својата внатрешна есенција не претставува ништо друго туку квазиуправен акт со правна сила пониска од законот, правилникот беше укинат.

Истиот тој текст со некои бенигни измени беше спакуван во форма на закон, кој беше донесен од страна на Собранието на РМ.

Денес овој закон претставува слон во слаткарницата наречена казнено материјално право и е туѓо ткиво во неа. Системот нема сила самиот да го отстрани, па нужно е по пат на напади од страна на сите оние коишто имаат некаква апстрактна правна логика овој закон да се иронизира до степен до којшто самиот би станал опсолетен (беспредметен).

Овој закон е со такви недостатоци што номотехнички на прва топка заедно со неговите прилози изгледа како анкета за венерични болести. Навистина се прашувам кој го пишувал овој закон, каде студирале, кои професори им предавале, од какви учебници учеле творците на овој закон?! Каков и да е одговорот на овие претходни реторички прашања, сигурно е дека неговите идејни творци бегале од часови по казнено (кривично) право. За што станува збор?!

  1. Најнапред имаме погрешно именување на самиот Закон, во науката познато како falsa nominantio. Законот го носи називот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казните, а во понатамошниот текст од Законот говори за сите видови на санкции. Ноторен е фактот дека казните (затворот и паричната казна) се само res in specie на санкциите. Тоа е исто како на пример некому да му падне на памет одреден Граѓански законик, којшто ги содржи одредбите од општиот дел на граѓанското, стварното, семејното, наследното, облигационото, а некаде и на трговското право, да го именува како Закон за облигационите односи, тоа е правнички недопустливо и не претставува некакво прашање на конвенција.
  1. Во членот 3, каде што се дадени начелата на Законот, во ставот 5 се вели дека начело на Законот е воедначување на казнената политика. Оние што имаат елементарни, базични познавања од општите поими на филозофијата на правото и од модалната правна логика знаат дека политиката и начелото никогаш не можат да бидат исто. Политиката претставува одреден стандард којшто се стремиме да го оствариме, како на пр. да се намали бројот на казнените дела, додека пак начело претставува определен принцип кон којшто сме должни да се придржуваме, на пр. никој не смее да профитира од своите злодела или од неправото никогаш не може да стане право.
  1. Законот користи определени формулации како објективна категоризација на казненото дело – хоризонтална категорија и поранешен живот на сторителот – вертикална категорија. Овие одредби го конвертираат целокупниот општ дел на Кривичниот законик во Декартов координатен систем со оски, каде што имаме хоризонтална оска X и вертикална оска У. Сето ова, зачинето со олеснителните и отежнувачките околности, на сторителот му овозможува доколку има некои базични познавања од математиката, самиот да си ја пресмета сопствената казна и да утврди дали воопшто неговиот криминал би му се исплател, што е недопустливо.
  1. Говорејќи за отежнувачките и олеснителните околности, законодавецот наведува дека образованието се јавува само како олеснителна околност. Правничка миоптија. Образованието е амбивалентна категорија кога се говори за одмерувањето на казните. Некогаш е олеснителна, некогаш отежнувачка околност. На пример, ако сметководител стори кривично дело даночно затајување, треба да се казни построго, а овој закон вели дека треба да се казни поблаго. Самата формулација на одредбата дадена во прилогот Оформил образование не е вредна за некој посериозен коментар…“

 >>>Целосниот текст на предавањето