/ Прочитано:

3.134

Кривичарите дебатираа за парадигмата на незаконитите докази

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, денеска организираа научна и стручна расправа на тема „Парадигмата на незаконитите докази и плодовите на отровното дрво“.

Предметот на научната расправа беше насочен кон неколку прашања кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста, а особено во однос на доказните забрани во светлина на начелото на владеење на правото, улогата на судиите во оцена на дозволеноста на доказите, искуствата на правните практичари во постапката на докажување, примената на ПИМ и недозволените докази во јудикатурата на Европскиот суд за човекови права.

На научната расправа стана збор и за употребата на класифицирани докази во кривичната постапка со фокус на политиките и практиките на исклучување на јавноста од судницата, на кое прашање се осврна американската обвинителка Реи Вудс.

Говорејќи за доказните забрани во светлината на начелото на владеење на правото, академикот Владо Камбовски истакна дека доказните забрани се еманација на презумпцијата на невиност, додека пак законитоста на доказите го подразбира и законитиот начин на нивно прибавување и во таа насока, доследно почитување на човековите права преку кое и се огледа „забраната за користење на плодовите од отровното дрво“. Но, додаде Камбовски, постулатите на остварувањето на правдата подразбираат и почитување на јавниот интерес, на што особено упатува и Европскиот суд за човековите права.

Судијката во Врховниот суд, Лидија Неделкова, истакна дека парадигмата на незаконитите докази треба да се бара во Уставот и законите и меѓународно ратификуваните договори. Уставот, нагласи Неделкова, ги гарантира човековите права, но тие права не се апсолутни туку се ограничени и во таа насока, правата на обвинетите не можат да бидат поголеми од правата на другите луѓе. Говорејќи за улогата на судијата во оцена на дозволеноста на доказите, судијката Лидија Неделкова нагласи дека една од основните функции на судот е да овозможи правна употребливост на доказите, додека пак улогата на судијата е во законскиот лавиринт да обезбеди фер постапка, но и правна употребливост на доказите.

Неделкова истакна дека не е точно тоа дека македонските судови немаат искуство со незаконски прибавени докази. Како примери од судската практика со незаконски прибавени материјали, таа го посочи и случајот дадилката која вршеше насилство врз бебето што го чуваше.

Во овој случај, додаде Неделкова, судот не го издвои доказот, а тоа беше снимката од камерата што ја достави таткото. Судијата, појасни Неделкова,  имаше одлична аргументација зошто го прифатил доказот, а тоа е интересот на детето, но и јавниот интерес.

На денешниот настан беше констатирано дека постојниот член 12 од Законот за кривична постапка треба да се допрецизира, бидејќи како што беше посочено, има сиромашна формулација околу законитоста и околу тоа дали постојното законско нормирање на законитоста на доказите коинцидира со принципите и барањата на јавниот интерес.

Според член 12 од Законот за кривичната постапка, кој се однесува на законитоста на доказите,  забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава. Доказите, се вели во овој член, прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

За Гаврил Бубевски од Специјалното јавно обвинителство, доказите прибавени од незаконските прислушувани разговори воопшто не треба да бидат спорни затоа што тие се кривичноправно инкорпорирани и се дел од македонскиот правен систем како што впрочем и се определува во Законот за СЈО во поглед на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Судовите, подвлече Бубевски, во однос на доказите за посочените кривични дела треба секогаш да се раководат од тоа каде превагнува јавниот интерес.

Говорејќи за адвокатските искуства во постапката за докажување, адвокатот Драган Гоџо посочи дека во главата 18 од Законот за кривичната постапка аудио и видео записи имаат идентична правна можност да бидат употребени како доказ. Во оваа глава, истакна адвокатот, нема други улови, рестрикции или забрани како еден аудио запис треба да биде прифатен како доказ и во таа насока тој го нагласи прашањето зошто априори некој ги дефинира некои снимки како докази, кога и во членот 250 од главата 18 на ЗКП тие докази се прифаќаат.

Гоџо се осврна и на прашањето за употребата на документите како доказ, потенцирајќи дека правото на фер судење подразбира обвинитиот да слушне што содржи документот на јавниот обвинител кој го инкриминира обвинетиот. Јавноста и одбраната, посочи адвокатот, имаат право да слушнат кој документ има инкриминирачка содржина, додека пак судиите се должни да ги читаат и анализираат документите бидејќи и тие во постапката имаат исклучителна доказна вредност.

Владиниот агент во Европскиот суд за човековите права и директор на Бирото за застапување на РМ во Стразбур, Костадин Богданов, говореше за недозволените докази во јудикатирата на Европскиот суд за човековите права. Во таа насока, Богданов истакна дека за Судот во Стразбур во никој случај не се прифатливи доказите прибавени со мачење или пак со нечовечко деградирачко постапување. Богданов посочи на стразбуршката практика во однос на незаконскиот претрес и прибавувањето докази, за кого ставот на Европскиот суд е дека и во таков случај постои повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права.

На денешниот настан, проф. д-р Драги Рашковски рече дека проблематиката со дигиталните докази е актуелна тема, која пак во Македонија е особено значајна во поглед на прислушуваните разговори кои исто така спаѓаат во сферата на  дигитални докази прибавени од дигитални уреди. Според професорот,  Специјалното јавно обвинителство направило грешка што не ангажирало повеќе технички лица кои би утврдиле од каде потекнуваат тие разговори.

Првенствено ваквата задача им следува на тие лица, додаде Рашковски, а дури потоа може да настапат правниците. Техничка работа е да се утврди кој дал пристап до прислушување. Без согласност на мобилната и фиксната телефонија, подвлече професорот, технички е невозможно да се изврши прислушување.  Рашковски предупреди и дека  проблемот со дигиталните докази е можноста за лесна манипулација со нив и дека мора да се прецизира начинот на кој се излачуваат дигиталните докази.

М.В