/ Прочитано:

1.243

КРИВИЧЕН СУД: Жалбите на СЈО за притворот за Јанкулоска и за Божиновски се неосновани

Според Законот за кривична постапка, доколку во текот на истражната постапка Обвинителството дојде до нови докази врз основа на кои може да побара определување на мерката притвор, со нов предлог може да побара од Кривичниот суд повторно да одлучува.

osnoven-sud-skopje-1-krivicen-sud-e1400166548658.jpg

Идентично како и во вчерашното соопштение, Кривичниот суд информира дека жалбите на Специјалното јавно обвинителство, кои се однесуваа на одлуката на судија на претходна постапка да не се прифати предлогот за определување на мерка притвор за осомничените во предметот „Титаник“, се одбиваат како неосновани.

„Кривичниот совет составен од тројца судии, во кој како членови на Советот учествуваа сите судии од Одделението за организиран криминал и корупција, по секој поединечен предмет по жалба на Обвинителството донесе решение со кое жалбите на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за лицата Г.Ј., К.Б., К.Т. и Н.В., се одбиваат како неосновани, а решението на судија на претходна постапка се потврдува“, се наведува во соопштението.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е осомничена за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1 и „повреда на избирачкото право“ од чл. 159 ст. 2 в.в. со ст.1 в.в. со чл. 45, додека генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Кирил Божиновски, е осомничен за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1 и „злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“.

Лицето К.Т. е осомничено дека ги сторило кривичните дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2 и „повреда на избирачкото право“, а лицето Н.В. е осомничено дека ги сторило кривичните дела „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2 и „повреда на избирачко право“.

Вчера, Кривичниот совет од Одделението за организиран криминал и корупција донесе решение со кое ги одби како неосновани жалбите на Специјалното јавно обвинителство кои се однесуваа на неопределувањето притвор за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за градоначалникот на Општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и за уште две лица М.П. и К.М. кои беа изведени пред судија на претходна постапка минатата недела, сите опфатени во предметот кој СЈО го води под името „Титаник“.

Со тоа, како што беше наведено од Судот, се потврдуваат решенијата на судијата на претходна постапка, а против нив не е дозволено право на жалба.

Денеска, Кривичниот совет постапувајќи по жалбата што ја поднел Темелко поради неговото незаконско лишување од слобода, донел решение со кое се уважува жалбата поднесена преку неговите бранители.

Јанакиески, според СЈО, е осомничен за делата „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 1, „поткуп при избори и гласање“ и „уништување на изборен материјал“. Темелко, пак, е осомничен за делата „злосторничко здружување“ од чл. 394 ст. 2, „повреда на избирачко право“ и „поткуп при избори и гласање“.

За поранешниот член на Општинска изборна комисија на Чаир, Исмет Гури, Судот определи мерка за претпазливост, односно забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица, но денеска Кривичниот совет од Одделението за кривично полнолетни ја укинал мерката.

Истражната постапка за предметот „Титаник“ продолжува понатаму, потенцираа од Специјалното јавно обвинителство. Барањата за притвор за лицата осомничени за изборни нерегуларности биле доставени со цел да се обезбеди присуство на осомничените.

Според Законот за кривична постапка, доколку во текот на истражната постапка Обвинителството дојде до нови докази врз основа на кои може да побара определување на мерката притвор, со нов предлог може да побара од Кривичниот суд повторно да одлучува.

 

КРИВИЧЕН СУД: Одбиени жалбите на СЈО за притворот за Јанакиески и за Темелко