/ Прочитано:

756

Кривична пријава против ексградоначалник на Вевчани

Среда, 11 јуни 2014 – Струшката полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Вевчани, 46-годишниот П.И., заради постоење сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информираат од СВР Охрид. 

Според СВР Охрид, пријавениот, во својство на градоначалник на општина Вевчани,  спротивно на Законот за јавни набавки  и без да распише тендер за јавна набавка за правни услуги, на адвокат од Струга, на име адвокатски услуги од застапување на општината Вевчани,  му овозможил противправна корист од наплата во износ од 1.025.583 денари.

Во соопштението се наведува дека осомничениот ова го направил во 2009 година без никаков правен акт, а за периодот од 27-ми јануари 2010 до 30-ти јуни минатата година со пет писмени договори за дело му овозможил на адвокатот месечен паушал од по 20 илјади денари како и надомест за трошоците во судските постапки.

„Пријавениот, со свесно искористување  на службените овластувања на 8-ми октомври 2010 година, без никаков правен акт му дозволил  на истиот адвокат, од досудените парични средства кои требало од судски предмет да се исплатат во корист на општина Вевчани, да си наплати износ од 173.600 денари или за 75.000 денари поголем износ од дотогашните пријавени и неисплатени побарувања на име адвокатски услуги. Притоа, пријавениот за тоа не направил соодветен правен акт кој би бил прикажан и книговодствено евидентиран во општина Вевчани“, се вели во соопштението.

Во посочениот период, како што се додава во соопштението, пријавениот не презел никакви мерки за да се заштитат имотните интереси на општина Вевчани и без да се грижи за имотот и интересите на општината што ја застапувал и претставувал, склучил и други противправни и спорни  договори оштетувајќи го општинскиот буџет.