/ Прочитано:

2.993

КРИВИЧНИ ДЕЛА СТОРЕНИ ОД НОТАРИ: Анализа на судската и обвинителската пракса

Проф. д-р Никола Тупанчески, основниот јавен обвинител Гордана Гешкоска и заменик- претседателот на Врховниот суд м-р Фаик Арслани изработија анализа на судската и обвинителската практика во врска со кривичните деликти сторени од нотари во периодот од 2007 година до 30 јуни 2014 година.

Одговор за динамиката и обемот на  противправното однесување на нотарите

Главната хипотеза на оваа анализа, како што подвлекуваат авторите, треба да даде аргументиран одговор е квантитетот и квалитетот на неправото, динамиката и обемот на  противправното однесување на нотарите при вршењето на нивната дејност.

Во анализата на феноменологијата на одговорноста посебно е акцентирана казненоправната форма како ultima racio во санкционирањето на најтешките повреди во вршењето на нотарската дејност. Базичниот критериум при одредувањето на временската рамка е периодот од донесувањето на Законот за нотаријатот (Сл. весник на РМ бр.55 од 04.05.2007), од 2007 година па се до 30-ти јуни 2014 година.

Приказ на вкупниот број на поднесени кривични пријави по обвинителства

Во Анализата, а засновано на табеларниот приказ на поднесени кривични пријави, дескрипцијата и кусата анализа на поединечни предмети,  може да се заклучи дека вкупниот број на поднесени кривични пријави, по обвинителства, од 2007 година до 30-ти јуни 2014 година е следен:

 а) Основно јавно обвинителство Скопје: број на поднесени кривични пријави: МВР-6, физички лица-33 и други-8; број  на пријавени нотари за овој период е 50; обвинителска одлука: решение за отфрлање-46; изјава за откажување од гонење-2 и обвинителни акти-2; пресуди-првостепена-1 неправосилна.

б) останати јавни обвинителства на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје: број на пријавени нотари-35; обвинителска одлука: решение за отфрлање-24; барање за спроведување истрага-1; наредба-2; изјава за откажување од гонење-1; обвиненија-7, пресуди осудителни (второстепени)-2, една првостепена ослободителна и три првостепени одбивателни.

г) Вишо јавно обвинителство Битола: број на пријавени нотари-19; обвинителска одлука: решение за отфрлање-19.

д) Вишо јавно обвинителство Штип: број на пријавени нотари-24; обвинителска одлука:решение за отфрлање-20; изјава за откажување од гонење-1, обвиненија-3;осудителна првостепена пресуда -1, правосилна.

ѓ) Вишо јавно обвинителство Гостивар: број на пријавени нотари-28; обвинителска одлука: решение за отфрлање-15; обвиненија-12; изјава за откажување од гонење-1; пресуди првостепени: ослободителна-2, одбивателни-3, осудителни-8; вторстепена НЕМА;

е) Во РМ: број на пријавени нотари-156; обвинителска одлука: решение за отфрлање-124; обвинение-24; изјава за откажување од гонење-5; барање за спроведување истрага-1(истрагата е запрена со одлука на кривичен совет); наредба-2; првостепени пресуди: осудителни-12; ослободителни-3; одбвивателни-5; осудителни (второстепени)-2;

Најчеста инкриминација – Злоупотреба на службената положба и овластување

Според поднесените кривични пријави најчеста инкриминација под која се супсумираат нотарските нерегуларности е одредбата од чл.353, ст.1, ст.2 и ст.3 во врска со ст.4 од КЗ на РМ (Злоупотреба на службената положба и овластување). Само во ОЈО Скопје од вкупно 50 пријавени нотари, 35-те пријави се по овој правен основ. Во некои основни јавни обвинителства, како на пример во Гевгелија, Куманово, Велес, Охрид, Струга, Радовиш, Делчево, Кочани сите поднесени пријави се однесуваат на чл.353 од КЗ на РМ. Во корпусот на нотарски инкриминации уште влегува: чл.353-в-Несовесно работење во службата, така што од вкупно 156 пријавени нотари во РМ, 12 пријави се однесуваат на оваа инкриминација. Во овој контекст посебно може да се спомене ОЈО Дебар каде што единствената поднесена кривична пријава за осум години анализиран период е токму  по овој член и за истата има правна завршница-првостепена осудителна пресуда. Исто така, пријави по овој член има и во Скопје, Прилеп, Струмица, Кочани. Од другите инкриминации, македонската судска практика, врз основа на анализираните  податоци како дел од нотарските деликти ги препознава: чл.244-Оштетување туѓи права; чл.258-Изнуда; чл.260-Лихварство; чл.247-Измама; чл.269-Фалсификување хартии од вредност; чл.286-Повреда на правото  од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола; чл.361-Фалсификување исправа; чл.364-Непријавување кривично дело или сторител; чл.365-Помагање на сторител по извршено кривично дело; чл. 366-а-Поднесување лажни докази;чл.367-Давање лажен исказ; чл.368-Спречување на докажување; чл.378-Фалсификување исправа;чл.379-Посебни случаи на фалсификување исправи; чл.380-Употреба на исправа со невистинита содржина. Доколку се земе предвид анализираниот период, феноменологијата на нотарските инкриминации се сведува на 18 различни кривични дела, каде што доминантен карактер имаат одредбите од чл.353 и чл.353-в. Изненадува фактот што меѓу поднесените пријави ги нема кривичните дела каде што на посреден или непосреден начин се потенцира статусот на нотарот-извршител на кривично дело, како на пример, чл.150 од КЗ-Неовластено откривање тајна, чл.273 од КЗ-Перење пари и други приноси од казниво дело итн.

За период од осум години, 33 пријави се поднесени од страна на „физички лица“

Интересен момент во оваа анализа е прашањето поврзано со субјектот кој се јавува  како подносител на пријавата. Според податоците на ОЈО Скопје, од вкупно поднесените 47 кривични пријави, за период од осум години, 33 се поднесени од страна на „физички лица“, 6 од МВР и 8 од други лица.Мора да се потенцира дека оваа пропорција е мал куриозитет, со оглед на фактот дека во најчест случај за сузбивање на оваа форма на криминалитет, не е МВР, туку незадоволните граѓани се јавуваат во улога на подносител на пријава.

Три правосилни пресуди

Најдобар и единствен барометар за застапеноста, обемот но и динамиката на секој облик на криминалитет, а во тој контекст и на противправните поведенија поврзани со вршењето на нотарската дејност е, бројот на res judicata предмети. Во таа смисла, во периодот од осум години (од 2007 година, кога е донесен Законот за нотаријатот  до јуни 2014 година) врз основа на анализираните предмети  може да се заклучи дека на територијата на РМ, има три правосилни пресуди!Од вкупниот број на првостепени осудителни пресуди: 8 се на подрачјето на ВЈО Гостивар,  една е на подрачјето на ВЈО Штип и три на подрачјето на ВЈО Скопје. Се разбира дека кога станува збор за овие пресуди треба да се има предвид дека не може да се говори за конечно правно перфектуирање на сите споменатите предмети (случаи). Од нив само 3 се правосилни и тоа, 2 на подрачјето на  ВЈО Скопје и 1 на подрачјето на ВЈО Штип. За да биде комплетна информацијата  треба да се додаде дека во вкупниот број на пресуди,  5  се одбвивателни и 3 ослободителни.

Од трите правосилни пресуди две се по ч.353, ст.4-Злоупотреба на службента положба и овластување и една е по чл.353-в-Несовесно работење во службата.  Со две од нив изречена е алтернативна мерка УСЛОВНА ОСУДА (чл.353 и чл.353-в), а со третата е изречена ПАРИЧНА КАЗНА (чл.353, ст.4). Инаку, во едната пресуда со изречената алтернативна мерка-условна осуда е утврдена казна затвор во траење од 6 месеци која нема да биде извршена доколку обвинетите во временски период од една година не сторат ново кривично дело, а во другата пресуда, со изречената алтернативна мерка-условна осуда е утврдена казна затвор во траење од 6 месеци која нема да биде извршена доколку обвинетиот во времето од една година и шест месеци не стори ново кривично дело! Во едниот случај Апелациониониот суд жалбата ја отфрла како неоснована, а во другиот како недозволена. Што се однесува до пресудата со која е изречена парична казна, нејзиниот износ е 10 дневни глоби, сметано по 10 евра за дневна глоба или вкупно 6.150,00 денари.

Општиот впечаток за казнената политика за нотарските казнени дела на територијата на РМ, во периодот од 8 години (2007г.-2014г.) е дека и покрај сериозните санкции во македонскиот КЗ пропишани и за чл.353 и за чл.353-в, со двете изречените  алтернативни мерки- условна осуда и паричната казна од 100 евра, судот инклинира кон посебниот законски минимум. Со други зборови, ако се земе како базичен критериум казнената политика на судовите во РМ вопшто не е тешко да се заклучи дека овој облик на криминалитет не зазема голем процент во општата статистика на криминалитетот во РМ.

Најчесто користена обвинителска одлука по поднесените кривични пријави е „решението за отфрлање“

Инаку, главна карактеристика на анализираните случаи е дека најчесто користена обвинителска одлука по поднесените кривични пријави е „решението за отфрлање“. Имено, за вкупно 156 пријавени нотари, донесени се 124 решенија за отфрлање на пријавата. Во овој контекст напоменуваме дека дел од поднесените пријави се однесуваат на повеќе лица. Се покажува дека правниот филтер на јавните обвинителства во РМ, кога се работи за оваа форма на криминал е прилично строг така што консеквентно на тоа, од првично поднесениот број на кривични пријави уште во оваа фаза од кривичната постапка сериозен е процентот на случаи на неповедување кривична постапка по поднесените кривични пријави.  Веројатно за тоа придонесува и бланкетниот карактер на најчесто применуваните инкриминации (чл.353  и чл.353-в)-не секогаш со голем успех нотарските неправилности се подведуваат во понудените modus operandi на овие казнени дела од КЗ на РМ. СЕ разбира, релевантен карактер во оваа насока имаат и проширените надлежности на нотарите.

Во насока на подобрување на превенцијата  и сузбивањето на овој облик на криминалитет, врз основа на добиените податоци посебно треба да се потенцира следното:

 „Лица кои вршат работи од јавен интерес“ или „службено лице“?

 а)  Прашањето за правниот статус на нотарите: дали тие и натаму остануваат како „лица кои вршат работи од јавен интерес“ (чл.122 ст.9 од КЗ) или евентуално со оглед на нивните овластувања би можеле да бидат дел од легалната дефиниција на поимот „службено лице“. Така на пример, во Хрватска, нотарот е службено лице. Ова е особено важно зашто од статусот на субјектот ќе зависи дали се исполнети сите конститутивни елементи на законското битие на казненото дело. Сега засега, нема некој посериозен проблем дека речиси во сите инкриминаци во КЗ на РМ се става знак на „равенство“ меѓу овие два термини. Но тоа не значи дека и во иднина (засекогаш), лицата кои вршат работи од јавен интерес ќе бидат екстензија на поимот „службено лице“;

Посебно внимание во иднина треба да се посвети на запознавањето на вонкривичната материја

 б) Од истражувањето се гледа дека посебно внимание во иднина треба да се посвети на запознавањето на вонкривичната материја (Законот за нотаријатот)-без таа регулатива незамислива е примената на одредбите од чл.353 и 353-в од КЗ на РМ. Градацијата на неправото е на прв план. Треба да се направи прецизна дистинкција меѓу различните повреди при нотарското работење. Се разбира, дека дисциплинската одговорност секогаш ќе биде резервирана за полесните прекршувања на законот иако некои казни за дисциплински повреди се построги и од санкциите во КЗ (на пример: трајна забрана за вршење дејност). Проблем секогаш ќе постои кога едно поведение ќе ги има обележјата и на дисциплинска (тешка) повреда и на казнено дело. Многу лесно може да се случи една иста противправна активност да ги има елементите на тешка дисциплинска повреда, несовесно работење во службата, но и на злоупотреба на службената положба и овластување.  Во такви ситуации (кои можат да бидат и чести!), субјектите кои го применуваат правото ќе мора да имаат голем професионален сенс, перфектно познавање на сите финеси на нотарското работење, но и потесна специјализација во примената на кривичните дела против службената должност. Во таа насока би можела да следи и евентуална препорака дека и во МВР, обвинителствата, но и во судовите  нема да штети доколку би имало благо насочување на правораздавачите. Во оваа смисла не би требало да се запостави улогата на Нотарската комора (Стручниот совет), која би можела да биде од сериозна помош во надминување на одредени недоречености. Инаку, посебни потешкотии при утврдувањето на казнената одговорност создаваат и самите одредби од КЗ на РМ (посебно се мисли на: злоупотреба на службена положба и овластување (чл.353), несовесно работење во службата (чл.353-в), давање награда за противзаконито влијание (чл.358-а), примање награда за противзаконито влијание (чл.359) итн.), кои во голем дел се преклопуваат, се неконзистентни и без оглед на тежината на  неправото имаат недозволено идентични казни. Редовно ќе мора да се демонстрира сериозна умешност во примената на правото, затоа што секоја фактичка ситуација perse  во оваа сфера знае да има комплексен карактер и еден можеби на изглед неважен момент да даде различна тежина на констатираното неправо.

>>>ЦЕЛОСЕН ТЕКСТ НА АНАЛИЗАТА ЗА КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА СТОРЕНИ ОД НОТАРИ:1) Табеларен приказ на поднесени кривични пријави 2) Дескрипција и куса анализа на поединечни предмети и 3) Заклучни согледувања и препораки. 

>>>ТРКАЛЕЗНА МАСА: „Обезбедувањето на правна сигурност на учесниците во правниот промет“ М.В / veljanoskim@akademik.mk                       20.02.2015