/ Прочитано:

1.553

Крупни реформи кон комплетна дигитализација на Катастарот: „Најголеми придобивки ќе имаат граѓаните“ — ИНТЕРВЈУ СО СЛАВЧЕ ТРПЕСКИ, ДИРЕКТОР НА АКН

Со електронското поврзување на надлежните институции со Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) се очекува да се забрза и да се поедностави постапката за користење на податоците од Катастарот и ќе се овозможи побрз и посигурен начин на доставување на пријавите и правните основи за запишување во Катастарот. Најголема придобивка од ваквата комуникација, секако, ќе имаат граѓаните кои досега од шалтерот на една институција со прибавените документи се упатуваа на шалтерот на Катастарот и губеа драгоцено време. Отсега самите државни институции по службена должност ќе ги доставуваат потребните документи за постапување до Катастарот, додека Катастарот по завршување на постапката ќе ги достави документите по електронски пат до надлежната институција – ги објаснува,  во интервју за Академик, големите реформски потфати во македонското катастарско право, содржани во измените на 30 закони, од кои 19 се веќе донесени,  првиот човек на Агенцијата за катастар и недвижности, Славче Трпески.

Г. Трпески, на чело сте на институција што реализира големи реформски потфати во катастарското право на Република Македонија, кои се последните  чекори кои беа преземени за развој на Агенцијата за катастар на недвижности и кои се идните планови?

Агенцијата за катастар на недвижности во изминатите 3 години направи сериозни чекори кон комплетна дигитализација на сите пори на своето работење. Како позначајни проекти би ги издвоил: успешното спроведување на проектот Електронски катастар низ цела територија на Република Македонија, кој заврши во јули 2012 и кој е основа за целиот понатамошен развој на Катастарот. Понатаму, електронскиот шалтер на катастарот, кој овозможи електронски пристап до податоците од ГКИС за општините, нотарите, приватни геодетски фирми, извршителите и државните институции, кој започна во 2013 година и денес се поврзани преку 700 корисници;  воспоставувањето на катастар на недвижности на целата територија на Република Македонија, со што поседовните листови отидоа во историјата, кој заврши во декември 2012 година; воведувањето на графиката во електронскиот катастар, односно почеток на интеграција на дигиталните катастарски планови во електронскиот катастар, кој започна во јули 2013 година и во моментов 84% од територијата на Република Македонија е покриена со хармонизирани дигитални катастарски планови;  воспоставувањето на инфраструктурен (подземен) катастар, кој започна во април 2014 година кога е извршен првиот упис и кога е издаден првиот имотен лист за инфраструктурен објект во Република Македонија; Регистарот на цени и закупнини на недвижностите на Република Македонија, кој започна да се полни со податоци од март 2015 година;  донесувањето на новиот Закон за  национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) во 2014 година и пуштањето во употреба на владиниот геопортал Националната инфраструктура на просторни податоци на Република Македонија,  како и реализацијата на ИРП-системот на Агенцијата за катастар на недвижности во 2015 година.

Агенцијата за катастар  на недвижности продолжува со реформите и денес интензивно работи на: Регистер на градежно земјиште во Република Македонија, кој ќе овозможи стандардизација и транспарентност при носењето на урбанистичките планови и депонирање на сите планови на едно место и кој очекуваме комплетно да биде завршен до крајот на оваа година;  на дистрибутивниот систем што ќе овозможи преку Интернет, од дома, од работното место, да се нарача имотен лист, копија од катастарски план, како и други производи од Катастарот, проект кој очекуваме да го пуштиме во употреба во октомври оваа година; на графичкиот регистер на адреси и куќни броеви,  или популарно кажано адресен регистер, на Република Македонија, кој ќе овозможи точни податоци за адресите за сите недвижнини во државата, брз, лесен и транспарентен начин на воведување на нови и менување на постојни адреси, како и лесен пристап преку Интернет за која било адреса во Република Македонија, проект што очекуваме да започне во последниот квартал од оваа година и да трае 2 години. Понатаму, работиме на воспоставувањето на  3Д Катастарот, оваа година со изработка на студија која ќе го трасира патот за негова имплементација, како и на други проекти кои ќе значат подобрување на квалитетот на податоците на Катастарот.

Како го оценувате вклучувањето на професионални корисници во е-шалтерот на Агенцијата за катастар на недвижности?

Поврзувањето на професионалните корисници преку електронскиот шалтер со Агенцијата за катастар на недвижности е една од тајните на севкупниот успех на Катастарот. Знаете, во минатото мислењето на професионалните корисници воопшто не било земено предвид при изработка на технички решенија кои треба да ги користат. Првата верзија на електронскиот шалтер беше направена во директна соработка со Нотарската комора на Република Македонија, а во новиот електронски шалтер, покрај нотарите, активно учество во неговото моделирање зедоа и геодетите, проценителите, извршителите, банките и другите професионални корисници.

Професионалните корисници се клучниот фактор за понатамошниот развој на електронскиот шалтер. Нивниот позитивен пристап и нивните постојани барања за воведување нови функционалности на електронскиот шалтер се вистинскиот придонес за неговиот понатамошен развој.

Кои сѐ дилеми и прашања се појавија од соработката со професионалните корисници, тука, пред сѐ, мислам на геодетските фирми, банките, општините, извршителите, нотарите?

Градењето на еден систем како што е електронскиот шалтер бара голема посветеност и упорност. Знаете, за да функционира системот, покрај неговата изработка, мора да извршите обуки на секој корисник поединечно, а понатаму да му овозможите и онлајн поддршка во текот на неговото работење. Дилеми и сериозни отворени прашања нема, а кога ќе се појават, дали поради новини во законодавството или поради различно толкување на некој пропис, настојуваме да ги разрешуваме со директна комуникација преку организирање обуки, семинари и сл..

Созреани ли се условите да се сумираат искуствата од досегашното работење на професионалните корисници на е-шалтерот на Катастарот?

Заклучно со месец јуни преку 700 професионални корисници се поврзани на електронскиот шалтер и 44% од севкупниот број предмети кои ги прима катастарот (во изминативе 4 години се над 1 милион годишно) се доставени по електронски пат од страна на професионалните корисници. Ова придонесе да се намалат трошоците на граѓаните и на професионалните корисници, да исчезнат турканиците пред шалтерите на Агенцијата за катастар, да се подобри навременото и безбедно доставување документи до Катастарот и да се забрза работата на Катастарот.

Република Македонија се промовира како лидер во регионот, но и  пошироко, во развојот на катастарското право. Какви се шансите нашата Агенција за катастар на недвижности да се јави во улога на институција-ментор на агенциите за катастар во други земји?

Агенцијата за катастар на недвижности во изминативе три години активно работи и на давање консултантски услуги и на други земји во регионот и пошироко. Така, најплодна соработка во изминатиов период имаме со Катастарот на Црна Гора, а обуки и тренинзи има одржано и на Катастарот на Република Србија, Босна и Херцеговина, Азербејџан, Хондурас и Никарагва.  Македонскиот катастар е одличен пример за брз развој од една од најслабите институции во државата во една од најдобрите, а ова е препознаено и видливо како од извештаите на Светска банка така и од Европската комисија. На ова поле има простор за уште поголеми успеси и во иднина ќе биде под посебно внимание.

Во изминатиот период се интервенираше во 19 прописи кои се однесуваат и на соработката со Агенцијата за катастар на недвижности. На 7.7.2015 беа донесени измените на Законот за катастар на недвижности. Може ли да нѐ информирате за какви промени се работи?

Со проектот за електронско доставување по службена должност на сите документи од државните институции до Агенцијата за катастар на недвижности, се прави голема реформа со која сите предмети, кои ќе се доставуваат до Катастарот, ќе се доставуваат исклучиво по електронски пат.  

За да се овозможи електронска комуникација меѓу државните институции и Агенцијата за катастар на недвижности, Владата на Република Македонија предложи измени на закони од областа на правосудството, финансиите, градежништвото, земјоделството, социјалната заштита, економијата, културата и здравството. Проектот предвидува измена на 30 закони, од кои 19 се веќе донесени, додека другите 11 се во владина процедура.

Во групата на веќе донесени измени на закони од овој проект е и Законот за катастар на недвижности. Со новите измени, кои пред два дена ги усвои Собранието на Република Македонија, покрај поврзувањето, се овозможува и бесплатно користење на податоци од Катастарот од страна на министерствата, судовите, обвинителствата и државното правобранителство. Со оваа мерка имотниот лист, копијата од катастарскиот план, како и другите податоци од Катастарот, 24 часа ќе бидат достапни по електронски пат.

Кои резултати треба да се очекуваат од интервенција во овој широк дијапазон на прописи каде што се предвидува законска обврска за одредени целни групи да се поврзат електронски со Агенцијата за катастар на недвижности и да ги користат услугите на е-шалтерот?

По извршените анализи од повеќегодишното користење на електронскиот шалтер, утврдивме дека нотарите, геодетите, извршителите, проценителите и другите приватни субјекти со пренесени јавни овластувања со сегашната регулатива учествуваат до 50% од вкупниот број на предмети кои се доставуваат до Катастарот. Преостанатите 50% се однесуваат на работи што главно ги вршат државните институции, но и на работи што ги вршат професионалните корисници, но во нивните матични закони немаат законска обврска по електронски пат да ги доставуваат предметите до Катастарот, како и документите кои ги поседуваат граѓаните, но кои, од различни причини, не ги доставиле до Катастарот во моментот на нивното издавање. Со имплементацијата на оваа реформа, се очекува 100% од предметите во Катастарот да пристигнуваат по електронски пат.

Таа обврска речиси за сите целни групи стартува во месец септември. Цените ли дека е тоа доволен рок за исполнување на обврската?

Со оглед дека електронскиот шалтер веќе функционира, не очекуваме какви било проблеми. Агенцијата за катастар на недвижности веднаш по стапувањето во сила на секој закон поодделно доставува Договор за користење на електронскиот шалтер до надлежниот орган, по што се врши обука на вработените во органот и потоа следува практична имплементација, односно доставување по службена должност по електронски пат на правните основи кои се основа за промени во Катастарот на недвижности.

Кои сѐ субјекти имаат законска обврска да се поврзат електронски со Агенцијата за катастар на недвижности и во кој рок?

Проектот предвидува измена на 30 закони, и тоа на: Закон за експропријација, Закон за денационализација, Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште, Закон за даночна постапка, Закон за земјоделско земјиште, Закон за продажба на земјоделско земјиште, Закон за семејство, Закон за управување со конфискуван имот, Закон за вештачење, Закон за процена, Закон за државно правобранителство, Закон за бесплатна правна помош, Закон за управување со кризи, Закон за стечај, Закон за концесии и јавно приватно партнерство, Закон за заштита на културно наследство, Закон за социјална заштита, Закон за централен регистар, Закон за катастар на недвижности, Закон за нотаријат, Закон за извршување, Закон за обезбедување на побарувања, Закон за судови, Закон за адвокатура, Закон за управни спорови, Закон за заклучување на стечајни постапки, Закон за минерални суровини, Закон за надворешни работи, закон за лекови и медицински помагала и Закон за градежно земјиште.

Сите субјекти кои донесуваат акти што треба да се достават до Катастарот или кои користат податоци од Катастарот должни се во рок од 5 дена од денот на донесување на секој закон да склучат договор за користење на електронскиот шалтер, потоа да се поврзат со електронскиот шалтер и од тој момент исклучиво електронски да работат со Катастарот.

Дали очекувате дека со оваа обврска ќе се подобри работата на проценителите, вештаците, стечајните управители, министерства, органите на државната управа и постои ли потреба тие посебно да бидат обучени за користењето на е-шалтерот на Агенцијата?

Со електронското поврзување на надлежните институции со Агенцијата за катастар на недвижности се очекува да се забрза и да се поедностави постапката за користење на податоците од Катастарот и ќе се овозможи побрз и посигурен начин на доставување на пријавите и на правните основи за запишување во Катастарот. Најголема придобивка од ваквата комуникација, секако, ќе имаат граѓаните кои досега од шалтерот на една институција со прибавените документи се упатуваа на шалтерот на Катастарот и губеа драгоцено време. Отсега самите државни институции по службена должност ќе ги достават потребните документи за постапување до Катастарот, додека Катастарот, по завршување на постапката, по електронски пат ќе ги достави документите до надлежната институција.

Така, на пример, со измените на Законот за централен регистар доколку некое лице сака да отвори фирма и при тоа како непаричен влог го става својот недвижен имот, тогаш Централниот регистар преку електронскиот шалтер ќе ги достави потребните документи до Агенцијата за катастар на недвижности со цел прибележување на товарот во имотниот лист. Со измените, пак, на Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште, сите решенија за приватизација на дворните места Управата за имотно правни работи по електронски пат ќе ги доставува до Катастарот, со измените на Закон за земјоделско земјиште се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сите договори за закуп и плодоуживање на државно земјиште да ги доставува до Катастарот по електронски пат. Со измените на Законот за лекови и медицински помагала, при регистрација на аптеки,  потребните документи за исполнување на условот за поголемо растојание од 100 метри од една до друга аптека, наместо барателот, по електронски пат од Агенцијата за катастар на  недвижности ќе ги обезбедува Агенцијата за лекови.

Сѐ на сѐ за ова да функционира практично, неопходно ќе биде континуирано едуцирање на корисниците, бидејќи со оваа реформа најголем број од нив за првпат ќе имаат контакт со електронскиот шалтер на Катастарот.

Во измените на Законот за катастар на недвижности се предвиде судовите, јавното обвинителство, државното правобранителство, министерствата, органите на државната управа да се поврзат електронски со Агенцијата за катастар на недвижности и без надоместок да добиваат податоци. Дали овој чекор ќе резултира со забрзување на постапките?

Со цел ефикасно спроведување на судските одлуки, со измените на Законот за катастар на недвижности се предвидува судовите по електронски пат да ги доставуваат до Катастарот правосилните пресуди и решенија од имотните спорови, без плаќање надоместок, заради нивно предбележување во Катастарот на недвижности.

Исто така, надлежните судови без плаќање надоместок, во кривичните постапки, судските одлуки, со кои одлучуваат за гаранциите со хипотеки на недвижен имот и за привремено обезбедување и одземање на недвижен имот, заедно со пријавите за запишување, ќе ги доставуваат по електронски пат до Агенцијата, заради нивно запишување.          

Со поврзувањето на Катастарот со судовите се искоренува досегашната негативна пракса кога граѓаните и правните лица по добивањето на пресуда, наместо да ја донесат во Катастарот за нејзино спроведување, тие ја чуваа дома.

Законот предвидува и Државното правобранителство на Република Македонија, без плаќање надоместок, до Агенцијата по електронски пат да ги доставува исправите за правен основ врз основа на кои се врши запишување на недвижен имот во корист на Република Македонија.

Со цел целосно опфаќање на електронско доставување на правните основи до Катастарот, за веќе издадените документи, тоа најчесто се стари пресуди, договори, наследни решенија, градежни дозволи и др., со измените на Законот се дава можност и приватните геодетски фирми, кои ги изготвуваат геодетските елаборати, во име на граѓаните со соодветно полномошно да поднесат барање до Катастарот по електронски пат.

Со практичната реализација на овој проект, Агенцијата за катастар на недвижности е вториот катастар во Европа, по Холандскиот која своите предмети ќе ги прима исклучиво по електронски пат.


Oбјавено: 14.07.2015

akademik@akademik.mk