/ Прочитано:

2.902

Квалитетната интернет страница услов за успешна адвокатска канцеларија

Според статистиката, телефонскиот број на адвокатот треба да биде видлив веднаш штом ќе се отвори страницата, за да не губи време во пребарување оној што е заинтересиран за услугата. Дизајнот треба да биде ненападен и вообичаено најпосетувани се страниците на кои на насловната фотографија е прикажан градот каде што се наоѓа седиштето на канцеларијата, а доколку содржината на интернет страницата е постара од 2-3 години, се смета дека е застарена и дека е потребна брза реакција за нејзино подобрување.

Сведоци сме дека во време на експанзивна технологија, во бизнисот постои секојдневен натпревар помеѓу компаниите, оние што се во чекор со технологијата и што ги користат нејзините благодати, особено рекламирањето.

Според американската маркетинг асоцијација, маркетингот, најопшто кажано, има задача да ја достави стоката или некоја услуга од точката на производството до точката на побарувачот на таа стока или услуга. Како основна маркетиншка цел се поставува зголемувањето на обемот на продажбите или ширење на пазарниот удел.

Според интернет страницата „Бизнис инсајдер“, моментално постојат 644 милиони активни интернет страници, а според статистиката на весникот „Дејли мејл“, во една минута се креираат 571  интернет страница, се прикачуваат 216 илјади слики, се „лајкуваат“ 1.8 милиони содржини и се објавуваат 278 илјади „твитови“.

Ова е енормно голема бројка која постојано расте и доколку една компанија не ги следи светските трендови, ќе биде „проголтана“ од конкуренцијата.

Кога станува збор за адвокатурата, исто така се важни рекламирањето и промовирањето на услугите што ги нуди таа. Според македонскиот Закон за адвокатура, забранети се рекламирање на адвокатската дејност и давање правни совети во печатени и електронски медиуми. Според Кодексот за професионална етика на адвокатите, не се смета за рекламирање објавувањето основни податоци за адвокатот на неговата лична веб-страница на интернет: име, презиме, адреса, телефон, област од дејноста, без наведување на цената на услугите и без истакнување на лични и професионални квалитети на адвокатот.

Компаративно, во Њујорк и Флорида, од 2007 година рекламирањето на адвокатите е дозволено со одредени ограничувања и претставува секакво јавно или приватно комуницирање направено во име на адвокатот или адвокатската канцеларија, со што се презентира нивната работа. Адвокатите со ограничувањата не смеат: да објавуваат препораки од свои поранешни клиенти, да ги споменуваат судиите што одлучувале во нивните предмети, да пренесуваат изјави од свои клиенти, да поставуваат други реклами на своите веб-страници, да објавуваат прекари итн.

Во Индија, адвокатите не смеат да се рекламираат на медиуми кои не се одобрени од Адвокатската комора. Од почетокот на 90-тите години во Европа почнал да се отвора патот за рекламирање на адвокатите. Така на пример, во Шпанија, Франција и Германија, адвокатите слободно можат да ги користат средствата за комуникација, за да ги претстават своите услуги.

Во Италија од 2 јули 2007 година, со одлука на поранешниот министер за економски развој, Пјер Луиџи Берсани, се либерализирал пазарот на телевизиски услуги, јавните сервиси, енергетиката, а во таа одлука популарно наречена „Декретот на Берсани“ се овозможило и рекламирање на адвокатите.

Што се однесува до веб-страниците на адвокатските канцеларии, според истражувањата на маркетинг-експертите, доколку една страница се отвора помеѓу 5-7 секунди, читателот се откажува од нејзиното понатамошно пребарување. За квалитетен впечаток се потребни 50 милисекунди, за да се привлечат читателите кон она што најмногу ги интересира, а за тоа придонесува и привлечноста на дизајнот на веб-страницата. 50% од читателите ги користат смартфоните за да пребаруваат низ интернет.

На крајот, според статистиката, телефонскиот број на адвокатот треба да биде видлив веднаш штом ќе се отвори страницата, за да не губи време во пребарување оној што е заинтересиран за услугата. Дизајнот треба да биде ненападен и вообичаено најпосетувани се страниците на кои на насловната фотографија е прикажан градот каде што се наоѓа седиштето на канцеларијата, а доколку содржината на интернет страницата е постара од 2-3 години, се смета дека е застарена и дека е потребна брза реакција за нејзино подобрување.

С. М.