/ Прочитано:

901

Лани се случиле 130 несреќи при работа — 42 биле фатални

Вторник, 28 април 2015 – Во 2014 година се случиле вкупно 130 несреќи при работа, од кои дури 42 биле фатални, нотира извештајот на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

Стапката на смртност според овие податоци изнесува 6,03 проценти, односно на секој сто илјади загинуваат 6 вработени. Стапката на смртни случаи е зголемена во споредба на 2013 година кога изнесувала 4,8 отсто. Ова денеска го истакна Фатмир Сарачини од МЗЗПР на одбележувањето на 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа кој оваа година се одбележува под мотото „Вклучи се во градење култура за превенција за БЗР“.

Три несреќи им се случиле на жени, останатите на мажи

Од 34 градови во Македонија, информира Сарачини, во 25 се случиле несреќи при работа.

„Скопје е град со најмногу несреќи, а потоа следат Струмица и Битола. Во 2014 година најмногу несреќи имало во дејноста Јавна управа и одбрана задолжително социјално осигурување, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби“, истакна Сарачини.

Според него наголем број несреќи кои резултирале со смртни случаи има во дејноста на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби и транспорт и складирање.

„При извршената анализа најмногу несреќи и смртни случаи имало во четврток, а најголем број на повреди во вторник. Според резултатите добиени од анализата според месеци најмногу несреќи се случиле во јули, кога и се случиле најголем број смртни случаи. Најмногу повреди при работа се случиле во февруари“, истакна Сарачини.

Според податоците најголем број несреќи им се случиле на лица на возраст помеѓу 45 и 54 години, а најголем број на несреќи со фатален исход се случиле во категоријата на работници на возраст од 55 до 64 години.

Од 130-те несреќи при работа, само три несреќи им се случиле на жени.

Националната награда за добра пракса на безбедност и заштита при работа доделена на ЕВН

Националната награда за добра пракса на безбедност и заштита при работа  за 2014 година ја доби ЕВН Македонија.

„Животите и здравјето на вработените се највисок приоритет на ЕВН Македонија. Затоа постојано работиме на унапредување на процесите за заштита и безбедност при работа. Задолжителната примена на правилата за работа, најсовремената опрема за заштита на работниците, едукацијата на вработените и постојаниот процес на тренинг и контроли придонесоа да се намали значително бројот на несреќи при работа“, изјави Игор Гиевски член на УО на ЕВН Македонија.

Според него оваа награда е потврда на нивните заложби, но и доказ дека се во вистинска насока на остварување на целта, заштита на вработени при изведување на работните задачи. 

>> Во Македонија по еден работник неделно го губи животот на работното место