/ Прочитано:

1.763

ЛЕКАРИТЕ БАРААТ НОВИ ЗАКОНИ ЗА ДОКТОРСКАТА ДЕЈНОСТ: „Подобри закони за поголема заштита“

Лекарската комора интензивно работи на изготовка на подобари прописи со што докторот би бил заштитен на работно место, велат од Лекарската Комора на Македонија. Лекарската комора и кон средината на оваа година побараа законски измени со цел лекарите да добијат статус на службени лица заради, како што посочија од Комората, нивна поголема „лична безбедност поради зголемениот број физички напади врз лекарите од страна на блиските на пациенти“. Донесување на Закон за докторска дејност иницираа и младите лакари.

Лекарската комора: Потребни се подобри закони

Од Лекарската комора појаснуваат дека регулативата се подготвува во последните две години и со неа треба да се регулира заштитата на лекарите на работното место, а ќе се уреди и прашањето за минималната плата на лекарите. Законот кој би се уредила докторската дејност, го изготвува комисија при Комората, и очекуваат дека Министерството за здравство ќе го прифати, а Собранието на Република Македонија ќе му даде поддршка. Според претседателот на Лекарската комора, Кочо Чакаларовски законските измени се неопходни, но, исто така, подвлекува дека  во последниве две децении вредноста на лекарската професија е девалвирана.

Лекарите и порано бараа законски измени: „Лекарите да добијат статус на службени лица“ 

Барањата за донесување на нови закони или, пак,  измени во законските прописи, не се истакнуваат првпат во јавноста. Во месец јуни, минатата година, лекарите побаараа да добијат поголема заштита додека пружаат лекарска помош преку промени во Законот за здравствена заштита. Од Лекарската Комора инсистираа лекарите да добијат статус на службени лица заради, како што посочија, нивна поголема „лична безбедност поради зголемениот број физички напади врз лекарите од страна на блиските на пациенти“.

„Насилството врз докторите не смее да се толерира, тоа е цивилизациски неуспех. Токму затоа неопходно е докторите и здравствените работници да имаат посебен статус кој правно треба да се регулира како предуслов ваквите инциденти во иднина да не се третираат како обични конфликти и напади, односно потребна е посебна правна рамка со која ќе се обезбеди поголема заштита на докторите и здравствените работници при укажувањето на здравствената заштита. Како професионална асоцијација потребата од ваквиот концепт ќе му ја предложиме и на ресорниот министер веднаш по конституирањето на новиот кабинет на Владата“, истакнаа за Академик од Лекарската комора на Македонија.

Комората беше категорична дека со насилството врз докторите на медицина им се нанесува голема штета и на самите пациенти и како професионална асоцијација потсети дека неколку пати апелирале до здравствените власти и директорите на здравствените установи да преземат дополнителни мерки и активности со кои на докторите на медицина би им  се обезбедила „соодветна заштита и услови за нормална работа“.

„Ваквите случаи се многу почести отколку што се зборува за нив“

„За жал, ваквите случаи се многу почести отколку што се зборува за нив и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот и здравствениот систем во целина. Во Комората, доставени се повеќе дописи од доктори на медицина во кои тие известуваат дека при укажување на здравствена заштита на нивните работни места се почесто се напаѓани вербално и физички од страна на пациентите или нивните најблиски“, предупредија лекарите, повикувајќи на реформа во здравствениот систем.

И младите лекари побараа донесување на Закон за докторската дејност

Кон средината на оваа година и младите македонски лекари повикаа на донесување на Закон за докторска дејност. Тие ја повикуваа Владата, заедно со нив, да изнајде начин и модел сите отворени прашања и проблеми кои ги засегнуваат  лекарите да се решат преку донесување на законско регулирање на докторска дејност.

„Со донесување на Закон за докторска дејност Македонија ќе биде земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција, а не земја која ќе го чека денот на колапс на здравството поради дефицит на лекари и која ќе треба да вложи многукратно повеќе средства за да санира штети и последици кои можеме да ги превенираме заедно!“, истакна младите лекари од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

„Закон за заштита на докторите и медицинскиот персонал“

Потребата за донесување на закон за Закон за заштита на докторите и медицинскиот персонал, наидува и на политичка поддршка. Демократскиот сојуз бара итна постапка на Закон за заштита на докторите и медицинскиот персонал.

„Ниските плати, незаштитеноста на докторите како и другите системски проблеми во здравството, придонесоа голем број на врвни специјалисти да го напуштат јавното здравство и да заминат во странство или во приватниот здравствен сектор. Демократскиот сојуз бара најенергични мерки против сторителите на вакви насилства и донесување по итна постапка на Закон за заштита на докторите и медицинскиот персонал“, велат од Демократски сојуз.

Прашањето за потребата од донесување на законски прописи со кои би се обезбедила поголема заштита на лекарите на работно место и достоинствено вршење на професијата, повторно се актуализираше по оружениот инцидент што се случи вчера во Клиничкиот центар во Скопје, при што беше повреден еден лекар.

За поголема безбедност на лекарите, се говореше и минатата година кога беше нападнато и возило на итната медицинска помош, кога со сериозни повреди се здоби возачот на возилото. Но, според податоците на Лекарската комора ова се само едни од случаите. Од Комората велат дека анкетите кои ги спроведуваат говорат дека лекарите „веќе подолго време подлегнувале на притисоци од страна на пациентите“.

Должности за пациентите и во Законот за заштита на правата на пациентите

Инаку, во Законот за заштита на правата на пациентите, регулирани се и должностите на пациентите, покрај нивните права. Според Законот, како едни од должностите на пациентот, се пропишува дека за време на престојот во здравствената установа, пациентот е должен  ги почитува правилата за однесување,  односно куќниот ред во здравствената установа и да го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници.

МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ЗАКОН ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ: „Се соочуваме со егзистенцијални проблеми и приморани сме да си одиме од земјава“

 Лекарите бараат поголема правно-безбедносна заштита и законски регулиран статус на службени лица

М.В / veljanoskim@akademik.mk