/ Прочитано:

2.644

„ЛЕНКА“ ПРЕД СОБРАНИСКИТЕ ПОРТИ: Амнестирајте ги неправедно осудените невработени лица!

Претставници на правниот тим на „Ленка“ денеска пред Собранието на Република Македонија ја образложија потребата и итноста од носењето на Законот за амнестија на илјадници невработени лица кои беа прогласени за виновни затоа што, наводно, го сториле кривичното дело „употреба на изјава со лажна содржина“ бидејќи пред Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) изјавиле дека немаат остварено приходи над 96.000 денари.

„Ова е единствен правен начин за надминување на овој мошне сериозен и масовен проблем кој се заканува да има несогледливи и штетни последици“, нагласија од Ленка, додавајќи дека  целта на овој предлог-закон е враќање на нарушеното уставно начело на владеење на правото и гарантирање на правната сигурност на граѓаните.

 „Владеење на правото и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени за една демократска и современа правна држава, како и почитување на концептот на социјална држава, што веќе еднаш е потенцирано од страна на Уставниот суд на РМ како надлежен државен орган за контрола на уставноста и законитоста на прописите“, потенцираат од ЛЕНКА.

Од Движењето за социјална правда велат дека тие  веќе добиле повратен допис од Собранието на РМ дека предлог-законот е доставен до пратениците.

Димитар Апасиев, овластен претставник на ЛЕНКА, подвлече дека кон овој проблем треба да се гледа со сериозност и внимание,  истакнувајќи дека мора да престане овој процес на пресуди.

„Ленка ги повикува сите независни и совесни пратеници во македонското собрание да го прочитаат и да го поддржат предлог-законот за амнестија на невработените“, истакна Апасиев.

Во врска со прашањето кое е предмет на предложениот закон, за кое пишуваше Академик, од ЛЕНКА објаснуваат дека 2014-та година енормна бројка од илјадници невработени лица на ниво на држава – меѓу нив и доктори на науки, магистри, лица со завршено високо, вишо или средно образование, млади луѓе, студенти, занаетчии, земјоделци, трговци-поединци, хонорарци итн. – по барање на Фондот за здравствено осигурување на РМ и Основното јавно обвинителство речиси во сите градови низ Републиката, со кривични пресуди беа прогласени за виновни и им беа отворени криминални досиеја во официјалната судска евиденција затоа што, наводно, го сториле кривичното дело „употреба на изјава со лажна содржина“ бидејќи пред ФЗОМ изјавиле дека немаат остварено приходи над 96.000 денари.

„Поради тоа што одредбата врз основа на која овие лица се казнети е веќе еднаш укината со одлука на Уставниот суд на РМ, и тоа токму по иницијатива на ДСП „ЛЕНКА“, ние и одлучивме да поднесеме иницијатива за носење Закон за амнестија на овие неправедно осудени лица“, велат од ЛЕНКА, додавајќи дека според нивните информации овие пресуди, за кои предлагаат амнестија, се само за дела сторени во 2012 година.

„Во иднина се очекува нов бран тужби за 2013 и 2014, со што бројот на осудени драстично ќе се зголеми, a обвинетите не знаат дека им се судело сè додека не ги добијат пресудите на домашна адреса!“, нагласуваат од правниот тим на ЛЕНКА.

Од Движењето посочуваат дека добрите последици од донесувањето на овој закон се евидентни.

„А, тоа е исправање на нанесената неправда поради неуставноста на законот по кој се осудени невработените и неговата правна недореченост, како и деблокирање на работата на државните институции со цел тие да можат да се занимаваат со решавање на вистинските општествени проблеми!“, заклучуваат од ЛЕНКА.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk

27.03.2015