/ Прочитано:

982

„ЛЕНКА“ против финансирањето на партиите и бирократските процедури во изборната регулатива

Четврток, 1 октомври 2015 – Движењето за социјална правда „Ленка“ упатува низа забелешки и препораки во функција на демократизација на изборната регулатива.

Од „Ленка“ посочуваат дека првично треба да се демократизира изборниот процес и да не се остави само во рамки на четирите најголеми политички партии затоа што тоа доведува до негово затворање во потесен круг. Намалување на бројот на потписи потребни за основање на политичка партија, непотребно приложување уверение за државјанство при регистрација на политички партии, укинување на мандатите на дијаспората, прекинување на органската врска помеѓу партиите и капиталот се дел од забелешките и предлозите на „Ленка“ за демократизација на изборната регулатува и процес.

„Во актуелно важечкиот изборен модел граѓанските иницијативи им се длабоко подредени на политичките партии. Ние бараме олеснување на процесот за учество во изборите на граѓанските иницијативи и намалување на бројот на потписи“, истакна  Дејан Лутовски на денешната прес-конференција која се одржа пред Собранието на Република Македонија.

Понатаму, од „Ленка“ бараат да се укине или намали лимитот на финансирање на изборната кампања од страна на правните лица.

„Ние сметаме на таков начин се создава органска врска помеѓу партиите и капиталот“, вели Лутовски, додавајќи дека потребно е и намалување на потребните потписи за основање на политичка партија од 1.000 на 500 потписи.

Тој образложува дека ваквата регулатива ги умртвува изворните движења и иницијативи и ги изложува на непотребни трошоци.

Во таа насока, Лутовски нагласува дека барањето да се приложи уверение за државјанство при регистрација на политички партии е непотребна бирократската процедура бидејќи државјанството може да се утврди преку увид во Избирачкиот список. Тој, како претставник на „Ленка“, на денешната прес-конференција изнесе и забелешки во однос на изброниот модел.

„Потребно е воведување на нов изборен модел и прогласување на целата територија на Македонија за една изборна единица“, истакна Лутовски.

М.В