/ Прочитано:

2.011

ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА: Судската практика треба да се воведе како задолжителна!

Во поглед на независноста и непристрасноста на судството, треба да се разгледаат повеќе прашања за да се заштити независноста на судиите, стои во Извештајот на ЕУ за судството. Како до независно судство е едно од прашањата иницирано од Извештајот кои деновиве ја бранува и стручната јавност. Промена на ситемот, е еден од предлозите за ефикасно и непристрасно судство.

Два клучни фактори: Начинот на кој судиите се заштитени и начинот на кој размислуваат

„Независноста на судството се смета за основа на владеењето на правото. Бројни меѓународни документи и договори, како на пример Основните начела за судството на Обединетите нации и Европската повелба за статусот на судиите, ја  истакнуваат важноста на независноста на судството и ги опишуваат клучните елементи на едно независно судство. И покрај тоа што не постои јасна дефиниција на терминот „независност на судството“, генерално, може да се каже дека степенот до кој судиите се независни зависи од два фактора: а) начинот на кој судиите се заштитени од несоодветни влијанија, од страна на трети физички или правни лица и б) степенот до кој судиите размислуваат, дејствуваат и одлучуваат самостојно, без да земаат предвид други фактори, надвор од она што значи факти на случајот и примената на соодветниот закон“, се наведува во Правната анализа на ОБСЕ за независноста на судството.

Анонимна анкета за судиите

Професорот по кривично право Никола Тупанчевски, во таа насока вели дека Анкетата на ОБСЕ спороведена на околу 650 судии покажала дека судиите се изјасниле дека работат под притисок. Професорот препорачува дека потребно е да се спроведе ушта едно анонимно истражување со кое точно би се лоцирале проблемите во судството во однос на независноста што би помогнало и да се даде одговор за забелешките на ЕУ за судството и за, како што вели, селективноста на правдата.

„Надвор од формалната антикорупциска рамка владее корупцијата, а правдата често пати е селективна. Во таква ситуација пристигна и шестата препорака за Македонија од Брисел“ смета професорот Никола Тупанчевски.

Промена на законските прописи

Покрај независноста на судството, Во Извештајот исто така се наведува дека законодавството сè уште треба да се измени за да стане попрецизно и предвидливо.

Во тој контекст, професорот Љупчо Аранаудовски вели дека положбата на судскиот систем кој ги обединува сите органи мора да добие одредена позиција визави другите власти.

Тој е дециден дека не може да се говори за независност на судството кога судиите немаат свој буџет и чекаат плата од министерот за финансии. Арнаудовски предлага да се направат дополнителни законски корекции, на што впрочем и упатува Извештајот на ЕУ.

„Да се внесе одредба во Устав или закон со која ќе се одреди што е тоа независно судство!“, предлага професорот Арнаудовски, додавајќи дека со тоа ќе се детерминира и како независноста на судството ќе се штити и заштити од влијанијата на другите власти.

Неделкова: Промена на системот!

Претседателката на Врховниот суд на Македонија, Лидија Неделкова, пак, оди чекор понапред во предлозите и отсечно подвлекува дека, всушност, неопходно е да се направи порадикален чекор односно да се смени системот.

„Судската практика, која не е извор на правото во нашиот судски систем и нема сила на закон, треба да се воведе како задолжителна. За судската пракса ја подотворивме вратата со судењата во разумен рок, за кои решава Врховниот суд. Оттаму, се појави диспаритет, овде е дозволена судската пракса од Европскиот суд за човекови права, а на пониските судови не им е задолжително да ја користат“, истакнува претседателката на Врховниот суд.

М.В/veljanoskim@akademik.mk

13.10 2014