/ Прочитано:

1.168

Лицата со хендикеп еднаквo придонесуваат во работните процеси како и другите вработени лица и компаниите треба да го препознаат тоа

Во врска со формирањето на Центарот за вработување на лица со хендикеп, од Стопанската комора образложуваат во кои насоки и преку кои програми ќе се имплементира овој центар, кој е дел од проектот од 4. ИПА-компонента за развој на човечките ресурси во Р Македонија.

Како што беше првично најавено, Стопанската комора на Македонија, во соработка со „Полио плус“, преку овој центар, ќе воспостави иновативен сервис за вработување на лица со хендикеп, преку стекнување практични знаења и вештини во партнерски компании на Комората, но и во самиот центар. Овој центар, велат од Комората, особено ќе придонесе во јакнење на капацитетите на бизнис-секторот за вклучување на лицата со хендикеп во работниот процес.

„Конкретно, ќе се работи на зајакнување на капацитетите на високиот и средниот менаџмент во компаниите, со цел поголема информираност за можностите и придобивките од вработување на лица со хендикеп. Ќе се организира серија информативни денови и работилници, на кои компаниите ќе можат детално да се запознаат со придобивките и условите што треба да ги создадат за полесно и поуспешно вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на трудот“, појаснува м-р Елена Милевска-Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Со оглед на тоа дека лицата со хендикеп, вели Милевска-Штрбевска, еднаквo придонесуваат во работните процеси како и другите вработени лица, ќе придонесеме компаниите да го препознаат тоа и да покажат поголема корпоративна и општествена одговорност за нивно вклучување и вработување.

Оваа цел, образложуваат од Стопанската комора, ќе се постигне преку надградување на вештините, унапредување на образованието и квалификациите на лицата со хендикеп, но и преку развој на социјални сервиси во заедницата кои ќе ја поддржат целосната интеграција на лицата со хендикеп во отворениот пазар на трудот и во поширокото општество преку воспоставување на иновативен сервис за вработување за лица со хендикеп, јакнење на капацитетите за вработување и напредување во кариерата на лицата со хендикеп, јакнење на капацитети на бизнис-секторот за вклучување на лицата со хендикеп, како и зголемување на нивната корпоративна одговорност и зголемување на свеста за лицата со хендикеп, кои се еднакви придонесувачи во работните процеси како и другите вработени.

Центарот за вработување на лица со хендикеп, истакнуваат од Комората, ќе понуди пет различни програми наменети за индивидуалните потреби на лицата со хендикеп, како и во согласност со потребите и интересите на отворениот пазар на трудот. Четири од овие програми се наменети за лицата со хендикеп, и тоа:

  1. Програма за подготовка за вработување – преку унапредување на знаењето и вештините на лицата со хендикеп се зголемуваат нивните шанси за квалитетно и достоинствено вработување;
  2. Програма за поддршка при наоѓање на работа – зголемувајќи ги самодовербата, комуникациските и писмените вештини на лицата со хендикеп, ќе се подобри  самопретставувањето на лицата со хендикеп пред потенцијалните работодавци;
  3. Програма за претприемништво – развивање капацитети и поддршка на самовработување на лицата со хендикеп;
  4. Програма за волонтерство – стекнување практични знаења и вештини во  партнерските компании, но и во самиот центар.

Исто така, велат од Стопанската комора, и со бизнис-програмата ќе се таргетираат компаниите што се подготвени и сакаат да вработат лица со хендикеп или, пак, веќе имаат вработено такви лица.

„Ќе се настојува да се отворат сите работни процеси за лицата со хендикеп во заинтересираните компании, затоа што сме свесни дека колку што се битни знаењата и вештините на лицата со хендикеп, толку е и битно да се сензибилизираат компаниите и нивните менаџерски тимови за целосна и ефективна инклузија на лицата со хендикеп. Преку градење на капацитетите на бизнис-секторот, преку ориентациски обуки за соработниците на лицата со хендикеп, но и преку константна поддршка на овие компании од страна на врвни експерти, ќе се овозможи инклузивна, професионална, пријателска и продуктивна атмосфера за сите“, посочуваат од Комората.

Поголемо вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на трудот преку подобрување на нивните вештини, образование и квалификации

M.В