/ Прочитано:

4.373

Локалните избори ќе се одржат на 15 октомври

„Го потпишав Решението за распишување на локалните избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Тоа го направив во согласност со законската обврска што ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и во согласност со роковите што се утврдени во Изборниот законик. Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 15 октомври (недела), 2017 година“, изјави претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Локалните избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје ќе се одржат на 15 октомври. Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во согласност со роковите утврдени со Изборниот законик, вчера го потпиша Решението за распишување на локалните избори.

„Го потпишав Решението за распишување на локалните избори за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје. Тоа го направив во согласност со законската обврска што ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и во согласност со роковите што се утврдени во Изборниот законик. Според законските одредби, локалните избори ќе се одржат на 15 октомври (недела), 2017 година. Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до органот за спроведување на изборите, Државната изборна комисија на Република Македонија. Апелирам до сите учесници во изборниот процес, во периодот пред денот на изборите и на самиот ден на изборите, да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби, а надлежните институции да обезбедат целиот изборен процес и самиот изборен ден да протечат во мирна, фер и демократска атмосфера, така како што заслужуваат почитуваните граѓани на Република Македонија“, изјави Џафери.

Изборната кампања почнува дваесет дена пред денот на одржување на изборите, па во тој период, како што соопшти претседателот на Собранието на Република Македонија, законодавниот дом ќе работи, но нема да има пленарни седници.

„Тоа е така со цел пратениците да имаат можност да се посветат целосно на изборната кампања, а во исто време да се одбегне можноста собраниските седници да се претворат во предизборна кампања“, потенцира Џафери.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека е известена за потпишаното Решение за распишување на локалните избори од страна на претседателот на Собранието и дека очекува документот да ѝ биде доставен и да биде објавен во „Службен весник на Република Македонија“.

„По објавувањето на Актот за распишување на локалните избори во ‘Службен весник’, Државната изборна комисија ќе одржи седница на која ќе биде усвоен календар-роковник со кој ќе бидат утврдени изборните активности и роковите за нивно спроведување, по што ќе почне спроведувањето на локалните изборите“, информира ДИК, нагласувајќи дека навремено ќе информира за преземање на сите активности за организирање и спроведување на изборите.

А. Б.