/ Прочитано:

722

Љубљанскиот градоначалник Јанковиќ соочен со уште едно обвинение за финансиски малверзации

Четврток, 10 април 2014 – Словенечкото Јавно обвинителство поднесе барање до Окружниот суд во Љубљана за покренување кривична постапка против љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ и неколкумина негови соработници, поради „малверзации“ при изградбата на спортскиот центар „Стожице“, објави мариборскиот дневен весник „Вечер“.

Според весникот, меѓу осомничените соработници на Јанковиќ е и актуелниот словенечки министер за одбрана Роман Јакич, кој бил директор на спортските објекти во Љубљана во времето на изградбата на центарот „Стожице“.

Осомничените се товарат дека преку фиктивни договори обезбедиле подигнување кредити од „Нова љубљанска банка“ (НЛБ) во износ од 50 милиони евра.

Ова не е прво обвинение против Јанковиќ. Против него се водат истраги и за давање мито при изградбата на деловен центар на неговата компанија „Меркатор“ во српскиот град Ниш, како и за противзаконски трансакции што ги вршел меѓу неколку фирми во својство на љубљански градоначалник, при што наводно се испрани поголемо количество незаконски стекнати пари.

И покрај ваквите обвиненија, Јанковиќ на почетокот на неделата изјави дека ќе ја докаже својата невиност и дека планира „да учествува на изборниот Конгрес“ на партија Позитивна Словенија, што тој ја формираше во 2011 година, а со која сега раководи словенеќката премиерка Аленка Братушек.