/ Прочитано:

1.534

ЛУСТРИРАН ЃОРЃИ СПАСОВ: Никогаш не сум соработувал со службите, тврди тој

Петок, 19 декември 2014 – Комисијата за верификација на фактите го лустрираше поранешниот министер за правда и амбасадор во Бугарија и во Велика Британија, Ѓорѓи Спасов.

Решението за соработка со тајните служби излезе вчера на веб-страницата на Лустрациска откако истече тридневниот законски рок.

При проверката на документите, Лустрациската комисија увидела дека името на Спасов фигурира во три лични досиеја од кои лустраторите заклучиле дека ексамбасадорот соработувал со поранешната Служба за државна безбедност.

Спасов реагираше на Решението и најави жалба до Управниот суд.

„Ве известувам дека, според мое длабоко уверување, Комисијата за утврдување на факти, утврдила погрешно, врз основа на непроверени факти, дека сум бил соработник на поранешната Служба за безбедност. Тоа не може да се заклучи ниту од еден од наводните докази што таа комисија во прилог на Решението ги има поставено на својата веб-страница. Иако сметам дека таа Комисија одамна е претворена во тело за политички прогон на неистомислениците на сегашната власт, ве информирам дека на нејзиното Решение ќе поднесам жалба до Управниот суд. Ако одлуката на тој суд не биде праведна, правдата ќе ја барам со жалба до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Одговорно изјавувам дека никогаш не сум соработувал со некогашната Служба за државна безбедност и дека овој вид на срамни политички конструкции, изработени врз основа на некакви произволно напишани службени белешки од општински полицајци на некогашната УДБА, ќе бидат еден ден демаскирани. Во нив се тврди дека како асистент на Институтот, две години по смртта на Тито (во 1981), на некој општински полицаец сум му дал информација за постоење на анархолиберали меѓу новинарите на тогашниот весник „Студентски збор“ и сум ги нарекол псевдолиберали. Поголема глупост не можел да измисли ниту тој ниту Комисијата, но веројатно сега им било потребно да бидам дискредитиран откако ме видоа дека учествувам во студентскиот протест и во моите колумни ги поддржувам студентите. Одлуките на оваа комисија се претвораат во доделување ордени од страна на власта на заслужните опозиционери.

Од тоа ќе се срамат сегашните членови на Комисијата и се надевам дека ќе одговараат за нанесена штета врз мојата чест и углед“, се вели во реакцијата.

>> Решението на Лустрациската комисија во врска со Спасов може да се прочита во целост на следниот линк.