/ Прочитано:

733

Македонец кој илегално престојувал во Хрватска казнет за вознемирување на фокa

Четврток, 31 јули 2014 – Педесет и шестгодишен македонски државјанин заработил казна од 1.500 куни за вознемирување на заштитен вид фока во Хрватска, пренесуваат хрватските медиуми

Како што пишуваат весниците, инцидентот се случил вчера околу 15,30 часот во Гортановиот залив во Пула. Иако на плажата постоело едукативно пано за забрана за вознемирување на фоката, меѓу поголемиот број туристи кои ја набљудувале се издвоил 56-годишниот македонски државјанин.

„Тој се приближил до просторот што бил заграден со ленти поради забрана за приближување, неколку пати ја удрил фоката која мирувала по грбот и ја истерал од плажата кон морето“, пишуваат хрватските медиуми.

По пријавата од останатите туристи, веднаш пристигнала полиција и парично го казнила нашинецот со 1.500 куни. Тој веднаш ја платил казната, но полицијата утврдила дека освен што го прекршил Законот за заштита на природата, го прекршил и Законот за странци бидејќи илегално престојувал во земјата.

Тој бил веднаш приведен и однесен во полициска станица, а потоа бил протеран од земјата со забрана за влез во рок од пет години.

Имајќи предвид дека станува збор за строго заштитен вид што често ги посетува плажите во Пула, полицијата ги предупредува граѓаните и туристите, поради заштита на животните, но и поради своја безбедност, да не им се приближуваат на фоките, да не ги допираат, да не ги гаѓаат со камења и да не ги приближуваат домашните миленици до нив.