/ Прочитано:

1.110

Македонец обвинет во Лас Вегас за криминал со кредитни картички

Вторник, 13 јануари 2014 – Македонскиот државјанин Јордан Георгиевски, кој е еден од 50-ината обвинети во големата операција на Американската тајна служба против компјутерски криминал, се изјасни како невин на првиот ден на судењето во Лас Вегас. Георгиевски (41) беше екстрадиран во САД од Албанија, каде што беше уапсен во јули 2014 година, јави МИА.

Судијата Џорџ Фоли му одреди продолжување на мерката притвор на Георгиевски, на кого, според американските медиуми, му се закануваат најмногу 40 години затвор. Тој е обвинет дека тргувал со украдени податоци од кредитни картички и изработувал лажни картички со кои биле подигнувани средства. Целата операција се одвивала преку интернет-страницата „цардер.су“. Георгиевски е обвинет дека под псевдонимот „девица” тргувал со лажни картички. Вкупната штета нанесена преку интернет-страницата „цардер.су“, која имала околу 7.000 корисници низ целиот свет, се проценува на 50 милиони долари.

Во март 2007 година Американската тајна служба воспоставила компанија базирана во Лас Вегас под името „Селтик новелти“ која почнала да ветува брза испорака на лажни американски документи за купувачи од целиот свет преку интернет-страницата. Голем број од корисниците на лажните податоци од оваа страница се поврзале со американската компанија, што им овозможило на американските власти да соберат податоци за нив, да ги идентификуваат и да ги лоцираат. Вистината за „Селтик новелти“, дека се работи за тајна операција на американските власти, стана позната во 2012 година, кога Тајната служба најави дека ќе почне со апсењето на обвинетите фалсификатори на картички.

„Целта на операцијата е да се растури организацијата „цардер.су“, а во исто време да се предупредат сличните организации дека, дури и ако дејствуваат надвор од САД, нема да бидат слободни од американското правосудство, соопшти Американската тајна служба при почетокот на операцијата.

Вкупно 30 од 55 лица обвинети за учество во илегалната трговија со лични податоци, броеви на кредитни картички и лажни документи се осудени, додека преостанатите се во бегство или во тек е нивното судење. Пред судот во Лас Вегас Јордановски се изјаснил дека е учител. Потрагата по него одела преку Интерпол од февруари 2014 година. Американската Служба за имиграција и царина соопшти дека екстрадицијата била извршена со помош на канцелариите на службата за безбедност од Виена и Атина и канцеларијата на Интерпол во Тирана.

Според „Њујорк Тајмс, адвокатот на Јордановски одбил да го коментира случајот.