/ Прочитано:

583

Македонија го избира својот петти претседател – прв круг од претседателските избори

Недела, 13 април 2014 – Во седум часот утрово беа отворени гласачките места низ Македонија, на петтите по ред претседателски избори. На 3.480 избирачки места во земјата право на глас имаат 1.779.572 избирачи.

Гласањето трае до 19:00 часот, до кога официјално е на сила и изборниот молк, а избирачите може да се определат меѓу четворица кандидати за нов шеф на државата.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите односно денеска ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи.

 Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена, на 27 април, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

 Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

 Доколку никој не го исполни овој услов, целата постапка се повторува од почеток.

Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаат и македонските државјани во странство, кои гласаа вчера на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Eвропа и Aфрика), 8 (Северна и Јужна америка) и 9 (Австралија и Азија).

Пријавени за гласање беа 8.332 македонски државјани кои работат и живеат во странство.

Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и 6.980 болни и немоќни лица.