/ Прочитано:

5.659

Македонија го празнува св. Климент Охридски

Македонија денес го чествува св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на солунските браќа св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија. Свети Климент  е основач на познатата Охридска книжевна школа која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образувале над 3 500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.

Проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од  Институтот за македонска литература, го нагласува значењето на свети Климент во поглед на неговите ораторско-книжевни состави. Климентовите поучителни слова, вели професорката Тошиќ, биле извонредно популарни текстови кои се распространувале во сите словенски литератури и низ сите периоди. За тоа придонесувал нивниот јасен, едноставен израз со стил достапен до народот.

„Еден од критериумите кој го одредува Климентовото оригинално творештво  е стилот на неговите творби и употребата на специфичен лексички фонд. Во Климентовото химнографско и ораторско творештво се препознаваат специфични јазични, стилски и лексички особености кои ја утврдуваат категоријата Климентово авторство“, истакнува професорката Тошиќ.

Професор д-р Кирил Темков вели дека свети Климент не е само величествен моралист, туку дека тој е и првиот етичар во македонската култура.  Во секоја пригода, истакнува Темков, треба да се говори за етичката функција на свети Климент, со која тој се истакнуваше како водач на својот народ, особено преку етичките расправи во кои говореше дека неморалноста е спротивна на човечноста.

Во чест на св. Климент Охридски, секоја година во Собранието на РМ се доделува  државната награда „Св. Климент Охридски“ за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството. Денес многу институции, училишта и здруженија го носат името на св. Климент. Една од тие институции е и вториот македонски државен универзитет во Битола.

Свесни за богатото историско минато, велат од  Универзитетот „Св. Климент  Охридски“, во кое е вткаено  и универзалното значење на св. Климент и  неговата просветителска мисија која ги надмина нашиве простори, се покрена иницијатива вториот македонски универзитет да го добие неговото име. Реализацијата на овој општоприфатен предлог доби завршница на 8 декември 1994 година – Денот на св. Климент  стана патронен празник на  Универзитетот во Битола.

Во рамките на овој универзитет функционира и Правниот факултет при УКЛО. Правото, нагласуваат од Факултетот, побарува доживотно учење, вклучувајќи постојано образование, компјутерски вештини, комуникациски стратегии, правосуден испит, но и етика, за која впрочем говорел и пишувал свети Климент.

М.В