/ Прочитано:

925

СПОГОДБА: Македонија и Србија со заеднички дипломатски претставништва

Понеделник, 15 септември 2014 – Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Попоски и Ивица Дачиќ, денеска во Скопје потпишаа Спогодба за заеднички дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во светот, со цел да се заштедат пари на дипломатската служба и да се обезбеди подобро покривање на дипломатската мрежа. Македонија и Србија се пријателски земји, во чиј заеднички интерес е меѓусебните односи да бидат уште подобри и двете земји да станат дел од Европската унија (ЕУ), порачаа шефовите на македонската и српската дипломатија.

Попоски порача дека двете земји и во иднина можат да имаат доста плодна соработка во поглед на билатералниот, регионалниот и мултилатераниот дел.

 „Двете земји се кандидати за членство во ЕУ, Србија веќе преговара, Македонија подолг временски период не може тоа да го оствари но дефинитивно сите поглавја кои се однесуваат на европските интеграции ние ги унапредуваме и вршиме реформи, можеме да имаме доста плодна соработка. Имавме можност да потпишеме спогодба за делење на ресурсите и користење на дипломатско конзуларни претставништва на двете земји во средства и сметаме дека тоа е дополнителен чекор и во делот на финансиите и во делот на рационализирањето на ресурсите кои се неопходно во услови на финансиска криза“, изјави Попоски.

Ова практично значи дека во некои земји македонските државјани ќе можат да ги користат услугите на српските ДКП-а, а во други земји – обратно, што ќе овозможи рационално користење на ресурсите.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ смета дека двете земји треба што поскоро да станат дел од ЕУ.

„Србија и Македонија се пријателски земји, во наш интерес е нашите односи да бидат што подобри, Србија ја поддржува европската иднина на Македонија и сметаме дека овој регион со години и децении е неправедно потценуван во однос на други делови на Европа и заслужува што поскоро да влезе во ЕУ“, смета Дачиќ.

Запрашани за тоа дали двете земји ќе го средат примерот и надворешната политика на ЕУ во поглед на санкциите кон Русија, двајцата министри со став дека земјите кандидати треба да ја усогласат својата политика со онаа на ЕУ, но дека сепак овие обврски се многу поголеми кога се работи за земјите членки на Унијата.

„Секако дека земјите кои се кандидати имаат обврска да ја усогласат својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ, тоа е дел од преговарачкиот процес. Тој преговарачки процес ќе ги интегрира и Србија и Македонија, Србија веќе започна со преговорите, Македонија се уште не, но потребно е да започнат разговорите со ЕУ за ние воопшто да дојдеме до тие обврски целосно да ја усогласиме нашата надворешна политика. За ова говорев со мојот колега Попоски и во Берлин, ние ќе ја одржуваме нашата политика но ќе водиме и сметка за нашите економски интереси. Украина начелно се придружи кон санкциите на ЕУ кон Русија но не ги примени, а Русија пак, кога ги воведе контра санкциите кон земјите од ЕУ за земјоделството, не ги воведе против Украина. Тие можат да војуваат и да тргуваат, а сега ние сите треба да плаќаме за тоа. ЕУ има своја политика, ние не сме членови на ЕУ, јас би сакал да сме, а кога ќе бидеме членки на ЕУ тогаш ќе имаме обврски и целосно да ја усогласиме нашата надворешната политика“, изјави српскиот министер.

Македонија е кандидат подолг временски период и ги усогласува своите позиции со оние на ЕУ, но во однос на меѓународното право, има еден факт кој во моментов за Македонија го усложнува тој однос, смета Попоски.

„Ние сме земја кандидат за членство во ЕУ подолг временски период и вклучително во надворешната политика се усогласуваме со ставовите на ЕУ. Тоа што е клучна разлика е тоа што тие што се дел од ЕУ учествуваат во креирањето на таа политика а тие што се надвор имаат можност да учествуваат во нивното спроведување. Тука говориме за примена на меѓународно право, односно на усогласување на меѓународноправните и политички позиции на Македонија во однос на ЕУ, но не треба да заборавиме и еден факт кој малку го комплицира тој однос. Повеќето земји членки на ЕУ се и земји членки на НАТО, а знаеме дека во НАТО и ЕУ има една земја која сериозно го има прекршено меѓународното право а тоа го има констатирано и Меѓународниот суд на правдата и тоа сериозно го проблематизира барањето и аргументирањето кон Македонија за примена на меѓународното право, што е наша основна позиција и главен столб на нашата надворешна политика, почитување на меѓународното право од сите и за сите“, порача Попоски.