/ Прочитано:

682

Македонија ќе ја потпише Меѓународната енергетска повелба

Вторник, 20 мај 2015 – Министерот за локална самоуправа, Љирим Шабани, денеска во име на Владата на Република Македонија, во Хаг ќе ја потпише Меѓународната енергетска повелба.

На дводневната министерска Конференција, чија основната тема се инвестициите во енергетиката, земјите потписнички ќе искажат политички заложби за заедничко справување со прашањата од областа на енергетиката, со акцент на потребите од поголемо инвестирање во оваа сфера.

„Со потпишувањето на Енергетската повелба се очекува да се унапреди пристапот до пазарите на енергија, понатамошна либерализација на трговијата со енергија, подобрување на промоцијата и заштита на инвестиции во сите енергетски сектори, понатамошна диверсификација на изворите на енергија, унапредување на енергетската ефикасност, заштита на животната средина и одржлива и чиста енергија“, истакна министерот Шабани на конференцијата.

Според анализи направени во рамките на подготовката на оваа конференција, земјите во светот се соочуваат со потреба за инвестирање од најмалку 600 милијарди американски долари годишно до 2030 година, со цел да се задоволат растечките светски потреби од енергија на одржлив начин. За таа цел потребно е да се посвети внимание на универзалниот пристап до енергија, инвестиции во одржлива енергија и инвестиции во промоции и иновации во енергетскиот сектор.