/ Прочитано:

839

Македонија негира кршење на извозните правила кон Русија – се чека повратен одговор од руските инспекциски служби

Среда, 26 ноември 2014 – Македонија не ги прекршила правилата за извоз во Русија и сите македонски компании извезувале само македонски земјоделски производи во Русија и воопшто не го прекршиле законот и ембаргото, изјави денеска министерот за економија Беким Незири.

Тврдењата на министерот се на иста линија со констатациите на Владата која на последната седница го разгледала ова прашање и резултатите од спроведената истрага. Како што информира од таму денес, доставени се сите потребни информации до Руската Федерација во врска со извозот на земјоделски производи во оваа земја.

„Нашите заклучоци  ги доставивме до Руската Федерација за да се направи споредба со нивните и очекуваме во најскоро време овој случај да биде затворен“, истакна министерот Незири, повикувајќи се и на извештајот од комисијата задолжена за испитување на наводите од руска страна.

Од Владата наведуваат дека во врска со обвинувањата од руска страна, домашните институции извршиле увид во повеќе извозни документи, сертификати, презеле поголем број процесни дејства за да ја утврдат фактичката состојба и да ги приберат податоците кои ќе бидат од значење и корист за предметот.

„Целокупните материјали се предадени. Во нив се содржат определени позиции, ставови, мислења, аргументации и одговор на барањата што ги имавме од страна на Руската Федерација. Во моментов трае процесот на комуникација и консултација со руската страна“, информираат од Владата.

Русија се закани со блокада на увозот на македонски производи поради сомневање дека македонските фирми го кршеле трговското емберго на Русија кон ЕУ затоа што извезувале европски производи на рускиот пазар, прикажувајќи ги како македонски. За руските наводи повеќе домашни институции извршиле увид и откако предметот за овој случај бил комплетиран во понеделникот преку дипломатски пат тој бил доставен до руските институции.

Сега најпрво се очекува повратен одговор од Русија, пред институционално да се излезе со детали за случајот.