/Прочитано:

1.254

„Македонија треба да помине низ втора транзиција“ – интервју со проф. д-р Александар Маршавелски од Правниот факултет на Универзитетот во Загреб

Кога станува збор за расправата во врска со казнената одговорност на политичките партии, како клучни спротивставени интереси се појавуваат интересите на правдата и интересите на демократијата. И покрај тоа што историскиот развиток на казненото право се движеше во насока на напуштање на колективната одговорност, новите тенденции укажуваат на тоа дека индивидуалната казнена одговорност е недостижна, вели во интервјуто за Академик д-р Александар Маршавелски, професор на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб, Република Хрватска. Професорот Маршавелски, кој потекнува од Македонија, вели дека Република Македонија ќе треба да помине низ втора транзиција која треба да биде вистинска демократска транзиција.

Професоре Маршавелски, во Македонската академија на науките и уметностите имавте излагање за казнената одговорност на политичките партии како правни лица. Кои се клучните поенти на Вашата анализа кои ги споделивте со македонската стручна и поширока јавност?

Доведувањето на политичките партии пред суд, со цел да се утврди нивната одговорност за сторени кривични дела, треба да се разгледува во контекст на современата „jудицијализација“ на политиката. Македонскиот законодавец со воведувањето на казнена одговорност на правни лица за казнени дела дозволил и политичките партии да може да бидат кривично одговорни. Меѓутоа, од феноменолошката анализа на казнените дела што ги извршуваат политичките партии, забележано е дека каталогот на инкриминации за кои тие може да одговараат е неадекватен. Причината за тоа е што одредбите од посебниот дел на КЗ кои пропишуваат казнена одговорност на правни лица, всушност, се приспособени за типични казнени дела, сторени од страна на трговските друштва, а не од политичките партии. За разлика од Македонија, Хрватска не ја ограничи казнената одговорност на правните лица на само еден одреден каталог на казнени дела, туку дозволи правните лица, вклучително и политичките партии, да може да одговараат за сите кривични дела. Тоа е направено со цел казнената одговорност на политичките партии да не биде само уште една хипотетичка можност или само мртво слово на хартија. Потребно е ревидирање на целиот каталог на казнени дела во посебниот дел од КЗ (и други закони) за кои правните лица може да одговараат, или само да се пропише дека правните лица може да одговараат за сите кривични дела. Ако македонскиот законодавец пристапи кон ревидирање на каталогот на санкции, од изнесената анализа произлегува дека е потребно кривичната одговорност да се пропише за следниве казнени дела: меѓународни злосторства (чл. 403 до 416-а од КЗ), казнени дела против државата (чл. 305 до 327 од КЗ), злоупотреба на службената положба и овластување (чл. 353 од КЗ), говор на омраза (чл. 319, чл. 394-г, чл. 407-а и чл. 417 од КЗ), како и за сите кривични дела сторени против изборите и гласањето (а не само за чл. 162 и чл. 165-а од КЗ).

Посочувате дека во литературата досега речиси никој не се осврнал на проблематиката на кривичната одговорност на политичките партии. Кои се причините за тоа?

Можеби ќе бидам нескромен, ама морам да кажам дека сум прв кој ја студирал оваа проблематика. Во литературата досега никој не ја анализирал кривичната одговорност на политичките партии, бидејќи оваа форма на одговорност на политичките партии до неодамна беше само теоретски возможна. Така и според македонскиот Кривичен законик, политичката партија може да биде одговорна како правно лице, но досега ниту една политичка партија не одговарала за сторено кривично дело. За разлика од многу земји во кои сè уште постои дискусија дали политичките партии треба да сметаат за правни лица, во Република Македонија кривична одговорност на политичките партии е предвидена во чл. 122 ст. 6 од Кривичниот законик. Во наведената одредба јасно пишува дека како правни лица се сметаат и политичките партии. Актуелниот случај од Хрватска нè учи дека ова прашање неоспорно има и практично значење. Имено, првиот случај во демократска земја каде што политичка партија, како правно лице, била обвинета и осудена за криминал се случи токму во Хрватска и тоа се однесуваше за една од главните политички партии – Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Правосилната пресуда за злоупотреба на службената положба и овластување на ХДЗ беше донесена во март 2014 година.  Меѓутоа, во септември 2015 година, Врховниот суд на Република Хрватска ја поништи пресудата и го испрати случајот назад на повторно судење.

Кога станува збор за расправата во врска со казнената одговорност на политичките партии, кои се клучните спротивставени интереси?

Кога станува збор за расправата во врска со казнената одговорност на политичките партии, како клучни спротивставени интереси се појавуваат интересите на правдата и интересите на демократијата. И покрај тоа што историскиот развиток на казненото право се движеше во насока на напуштање на колективната одговорност, новите тенденции укажуваат на тоа дека индивидуалната казнена одговорност е недостижна. Некои казнени дела се извршуваат во име на колективот и за задоволување на неговите интереси. Поради тоа се смета за праведно да се казни целиот колектив како таков, а не само неговите поединци. Таков интерес на правдата постои и во поглед на политичките партии. Од друга страна, воведувањето казнена одговорност на политичките партии може да ги потресе основните темели на уставниот поредок на секоја држава. Казната – укинување на определена политичка партија или забрана за вршење на дејност може да има тешки последици околу политичко-правниот систем. Поради тоа е потребно да се балансира меѓу наведените спротивставени интереси и притоа особено да се внимава на опасноста од можни злоупотреби на казнената постапка. Меѓутоа, гледаме дека казнената постапка и пресуда против ХДЗ не предизвикаа штета на демократијата во Хрватска, туку напротив, придонесоа за нејзина понатамошна афирмација преку јакнење на идејата дека владејачка партија може да сноси и кривична одговорност за противправно дејствување.

Колку остварувањето на целите на правдата, во контекст на казнената одговорност на политичките партии, е важно за владеењето на правото во една држава?

Во континентално-европските правни системи, вклучително и во Република Македонија, владеењето на правото е директно поврзано со начелото на легалитет на кривичното гонење. Според начелото на легалитет, јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење за кривични дела кои се гонат по службена должност, секогаш кога се исполнети законските услови, без оглед на тоа дали самиот е уверен во целесообразноста и корисноста на кривичното гонење во одделни случаи.

Зошто оваа тема станува сè повеќе актуелна, особено во контекст на регионот и посебно за Република Хрватска и Република Македонија?

Актуелниот случај од Хрватска претставува преседан во борбата против политичката корупција во нашиот регион. Новото судење против ХДЗ започна во јуни 2016 година. Меѓутоа, дали правдата во овој предмет ќе биде задоволена или ќе остане слепа, останува неизвесно – во случај ХДЗ да биде прогласена за виновна и притоа казнета, тогаш може да побара помилување од претседателката на Република Хрватска, која е избрана токму од редовите на таа партија. Оваа тема е актуелна и во Република Македонија – во септември 2016, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара актуализирање на кривичната одговорност на политичките партии како неопходна алатка во борбата против корупцијата. Ќе видиме дали истрагите на СЈО ќе резултираат и со обвинение против некоја политичка партија.

Како започна Вашиот научен интерес и истражување во врска со оваа тема?

Моите магистерски студии на Правниот факултет на Универзитет Јејл беа поврзани со политичките димензии на меѓународната кривична правда. Таму спроведов дел од моето научно истражување на судската практика, како и на историските факти во предметите што ги опфаќаат меѓународните злосторства, кои укажуваат на тоа дека најтешките злосторства главно се сторени, поттикнати или потпомогнати од страна на владејачките политички партии. Во тоа време, ХДЗ веќе беше обвинета и кога видов дека никој нема пишувано на оваа тематика, решив да ја одберам за тема на мојата докторска дисертација изработена на Институтот „Макс Планк“ за странско и меѓународно казнено право во Германија.

Што беше клучно да се определите да студирате право и да се насочите кон областа на кривичното право?

По завршувањето на средно образование, се најдов во дилема дали да студирам право или филозофија. Решив да запишам Правен факултет во Загреб затоа што сфатив дека правото е поконкретно од филозофијата. Бидејќи  филозофијата е најтесно поврзана со казненото право (особено во дискусијата за целта на казнувањето), веројатно мојата љубов кон филозофијата ме одреди да се занимавам со казнено право. Сепак, можам да кажам дека клучна улога имаше професор Петар Новоселец, човек со огромно практично искуство (вклучително и како судија на Врховниот суд на Република Хрватска), а во исто време вонреден правен теоретичар. Имав чест да бидам негов студент и да ме избере за демонстратор, а кога отиде во пензија, и да дојдам на неговото место на Катедрата за казнено право на Правниот факултет во Загреб. Меѓутоа, тоа не беше толку лесно како што сега се чини. По завршувањето на студиите, работев една година во Министерството за правда на Република Хрватска, а професорката Ксенија Турковиќ, која ја презеде Катедрата од проф. Новоселец, беше раководителка на Комисијата за подготовка на нов Кривичен закон на Република Хрватска. Јас бев најмлад член на таа Комисија и таму верувам дека проф. Турковиќ, која е сега судија на Европскиот суд за човекови права, ме препозна како квалитетен соработник. Од неа добив покана да бидам асистент на Катедрата за казнено право на Правниот факултет во Загреб, така што дефинитивно се насочив кон областа на кривичното право.

Што е она на што се става посебен фокус во хрватското правно образование, кои се неговите предности, а кои се неговите слабости?

Kога студирав право во Хрватска, тамошното правно образование сè уште ја следеше австроунгарската традиција. Сега со искуство од постдипломските студии во Америка и Германија, можам да кажам дека тоа имаше предности и слабости. Предноста беше во тоа што бевме под силно влијание на германското право и германската правна теорија. Германија има еден од најдобрите правни системи во светот, а нивната правна догматика има квалитетен одговор за речиси секое правно прашање што ве интересира. Од друга страна, правното образование во Хрватска стана многу конзервативно во однос на методологијата на учење на правните дисциплини кое беше застарено (во фокус беше меморирањето на правните дефиниции и теории, наместо нивна примена) и нефлексибилно во смисла на премногу задолжителни предмети во курикулумот. Модерните правни студии мора да бидат атрактивни и флексибилни, а тоа исклучува од курикулумот задолжителност на неправните предмети (на пр. економски предмети) и правните предмети кои не се полагаат во правосуден испит (на пр. меѓународно приватно право). Кога студирав во Хрватска сè уште немаше алтернативни видови настава, натпревари во симулирано судење, беа непризнати воннаставните активности, немаше правни клиники итн. Исто така, курикулумот  тотално ја занемари наставата на англиски и воопшто ги занемари англосаксонското право и  правна теорија како за нас „некомпатибилни правни системи“. Денеска, сето тоа се промени на подобро, меѓутоа, ќе треба уште многу промени за да имаме меѓународно конкурентни правни студии.

Потекнувате од Македонија и редовно ги следите случувањата тука. Што е потребно да стори земјава во насока на остварување на принципите на ефикасно правосудство и кривично-правен систем?

Мислам дека Република Македонија ќе треба да помине низ втора транзиција. Првата се случи по дезинтеграцијата на Југославија, која беше постсоцијалистичка политичка и економска транзиција. Втората транзиција треба да биде вистинска демократска транзиција. Тоа вклучува департизација на државните институции, особено во правосудството и унапредување на владеењето на правото. Тука мислам дека одговорноста на политичките партии може да има клучна улога за да може да биде успешна оваа транзиција. Казнувањето на политичка партија како правно лице не значи дека сите членови на партијата ќе бидат казнети – само тие што се лично одговорни за сторени кривични дела треба да се казнат. Ако не се санкционира партија која била инволвирана во криминал – тоа може да има за последица прејако потенцирање на индивидуална кривична одговорност на партиските членови и може да се претвори во „лов на вештерки“! Во овој момент е поважно да ги помириме граѓаните од десницата и левицата за да можат заедно да ја градат својата иднина, а истовремено да ја заштитиме демократијата од тиранија на владејачките политички партии.

М.В