/ Прочитано:

1.865

Македонската и косовската Комора на извршители потпишаа Меморандум за соработка

Среда, 14 октомври 2015 – Претседателот на Комората на извршители на Македонија, Зоран Петрески и претседателката на Комората на извршители на Косово, Емине Шерифи-Љубеничи, денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка. 

Целта на Меморандум е воспоставување на соработка меѓу двете комори, како и унапредување на професијата преку имплементација на најдобрите практики и искуства. 

„Како Комора можеме да и дадеме поддршка на Комората на приватни извршители на Косово како со искуството, така и со одредени предлог-решенија кои функционираат во Македонија, а да бидеме и нивна поддршка во воспоставувањето односи со Меѓународната унија на извршители и со останатите земји од соседството“, рече претседателот на Комората на извршители на Македонија, Петрески.

Според претседателката на косовската Комора на извршители, Шерифи-Љубеничи, Меморандумот освен што е значаен за унапредување на новиот систем на приватни извршители на Косово, акцент треба да се стави и на соработката во реализацијата на барањата на доверителите кон должниците со седиште или престојувалиште во Македонија или во Косово.

„Еден од предизвиците е меѓуграничното извршување или соработката во реализацијата на барањата на доверителите кон должниците со седиште или престојувалиште во Македонија или во Косово кој останува да се уредува од највисоките државни институции“, рече Шерифи-Љубеничи.

Со потпишувањето на денешниот Меморандум за соработка, Комората на извршители на Македонија, како што рече Петрески, го заокружува процесот на воспоставување соработка со коморите од соседството.

„Досега имаме одлична соработка со коморите на извршители на Србија, на Бугарија и на Албанија, а од сега соработката се проширува и со Косово“, истакна тој. 

Петрески, како што посочи, единствено се’ уште односите со Комората на извршители на Грција не се најдобро формализирани.

„Иако коморите на извршители на Македонија и на Грција имаат првични контакти уште пред неколку години, поради познатите политички причини за жал таа соработка не е официјализирана и не е на ниво како со останатите комори“, рече тој.