/ Прочитано:

849

Македонските компании повеќе бараат келнери отколку правници

Понеделник, 12 мај 2014 – Македонските компании повеќе бараат продавачи и келнери, а речиси воопшто не им се потребни дипломирани кадри, како на пример  правници, економисти, адвокати, нотари, банкари, инженери лекари и професори, пишува Утрински весник.

Тоа го покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Македонија, каде што компаниите ги огласуваат своите потреби за соодветни профили на работници.

Според објавените информации на веб-страницата на Агенцијата, кои се ажурираат постојано во текот на денот, вчера напладне бројката на слободни работни места на пазарот се намалила во споредба од пред еден месец. Или, додека во почетокот на март годинава имаше 6.791 слободно работно место, при што најбарани беа продавачи во трговијата, работници во преработувачка индустрија и во угостителство, вчера напладне се нудеа 5.804 слободни места. И сега, исто така, најбарани се продавачи, а по нив се келнери, шивачи, магационери и готвачи. Па, така, од вкупната бројка на слободни места, 709 се за продавачи, работа се нуди за 348 келнери, 320 шивачи, 271 магационери и за 173 готвачи.

Најмалку, пак, се бараат возачи на камиони, само 55, исто колку и ракувачи на текстилни машини, потоа шивачи – 59, помошници во кујна – 65 и пекари – 72. Петте дејности каде што се нуди најмногу работа се трговија – 1.763, потоа индустрија – 1.308, во хотелите и рестораните – 790, во градежништвото – 618 и во финансиските дејности и осигурувањето – 362.

 Според податоците на АВРМ, Скопје, како најголем деловен центар во државава, има и најмногу слободни работни места – 3.172. По него се Штип со 416, Охрид со 321, Битола со 230 и Куманово со 207 места за работа. Додека, воопшто нема слободни работни места во Дебар и Крушево, додека во Ресен и Пробиштип се регистрирани по три, односно две места за работа, а во Кратово само 4.